Предлозите ќе бидат разгледани и за нив ќе се гласа на претстојниот состанок на Советот на ФИДЕ, кој е закажан за четврток

ШАХ

Неодамна комисијата за квалификации иницира преглед на прописите за рејтинг на Светската шаховска федерација (ФИДЕ), поканувајќи ги федерациите, официјалните лица и јавноста да дадат свои размислувања и предлози, а прегледот беше поттикнат од повратните информации од професионалните играчи и официјалните лица на ФИДЕ, истакнувајќи ја дефлацијата на рејтингот што произлегува од претходните промени во системот на рејтинг, пишува ФИДЕ на својата интернет-страница.
Работна група работеше на реформирање на постојниот систем за рангирање. Предложениот концепт беше споделен со јавноста во јули годинава, барајќи повратни информации и предлози за подобрување на рејтингот на ФИДЕ. По темелно разгледување на добиените предлози, комисијата излезе со сет нови прописи во врска со рејтингот. Препораките вклучуваат еднократна промена на стандарден рејтинг од 1 јануари 2024 година, и тоа за играчи со стандарден рејтинг понизок од 2.000 поени ќе се примени зголемување според соодветна формула, а играчите со рејтинг од 2.000 поени или повеќе ќе го задржат својот моментен рејтинг. Потоа, се предлага зголемување на минималниот рејтинг од 1.000 на 1.400, промени во почетниот рејтинг, а правилото „400 поени“ (разликата во рејтингот од повеќе од 400 поени ќе се смета за рејтинг како да е разлика од 400 поени, без ограничувања за тоа колку пати може да се примени за време на еден турнир) се враќа во состојба од пред 2022 година.
Предлогот на комисијата препорачува да се применат истите промени и на стандардните и на регулативите за рангирање во забрзан и во брз шах. Предлозите ќе бидат разгледани и за нив ќе се гласа на претстојниот состанок на Советот на ФИДЕ, кој е закажан за четврток, информира ФИДЕ. Г.И.