Добро сме расположени, позитивни, се надевам дека со разговори и совети ќе ја канализираме тремата и ќе бидеме максимално подготвени за настапот на ПОИ 2024, оптимист е селекторот Јовановски
ИНТЕРВЈУ: БРАНИМИР ЈОВАНОВСКИ, ТРЕНЕР И СЕЛЕКТОР НА МАКЕДОНСКАТА ПАРАОЛИМПИСКА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА ВО СТРЕЛАШТВО
На годинашните Параолимписки игри (ПОИ) Париз 2024, со остварена олимписка норма, по шести пат во низа ќе настапи и најдобрата македонска претставничка, стрелачката Оливера Наковска-Бикова, која на ПОИ ќе се натпреварува во три дисциплини. Наковска-Бикова на ПОИ во Лондон во 2012 година освои злато во дисциплината воздушен пиштол од 10 метри. Таа на сите ПОИ на кои настапила досега, почнувајќи од 2004 година, била финалистка, а досега еднаш била светска и двапати европска шампионка во поединечна конкуренција, што доволно говори за нејзините стрелачки квалитети.
За подготовките, очекувањата и надежите од претстојните ПОИ 2024 разговаравме со Бранимир Јовановски, тренер и селектор на параолимписката стрелачка репрезентација на Македонија и прв носител на златен медал од ПОИ, освоен 1992 во Барселона, Шпанија.
Кога македонската стрелачка експедиција заминува на ПОИ во Париз, во што ќе се состојат завршните подготовки и каква е атмосферата пред овој голем спортски настан што Ве очекува?
– За Париз заминуваме во среда на 21 август. Завршните подготовки ги одржавме во Охрид, во периодот од 5 до 14 август и истите тие поминаа според планираното. До тргнувањето, Оливера Наковска-Бикова ќе тренира индивидуално во Битола, во контакт сме постојано, ми ги праќа резултатите од метите, добива совети и насоки од мене, така што засега сѐ функционира како што треба. Добро сме расположени, позитивни, се надевам дека со разговори и совети ќе ја канализираме тремата и ќе бидеме максимално подготвени за претстојниот настап на ПОИ во Париз. На олимпиското стрелиште со тренинзи започнуваме по пристигнувањето во Шатеру. На 28 август е свеченото отворање на Игрите, првиот натпревар на Оливера е на 31 август со воздушен пиштол од 10 метри, потоа на 2 септември со спорт пиштол од 25 метри и на 4 септември е натпреварот пиштол слободен избор од 50 метри. На деновите пред настап се предвидени и официјални тренинзи.
Кои се Вашите очекувања од настапот на единствената македонска учесничка на ПОИ Париз 2024, Оливера Наковска-Бикова, како нејзин тренер и селектор на македонската параолимписка стрелачка репрезентација?
– Се надевам дека Наковска-Бикова ќе влезе во финале, што нема да биде толку лесно и едноставно, а таму – сѐ е можно. Оливера има големо искуство, извојувала многу битки, изгубила исто така, но таков е спортот… Учеството на натпревари од ваков висок ранг секогаш е предизвик, но и тежок товар, особено настапи на Олимписки и Параолимписки игри. Одиме да ја претставиме Македонија во најубаво светло, да се натпреваруваме и да го освоиме она за што ќе бидеме подготвени тој ден, час, минута. Лично верувам во Оливера, во нејзината спортска вредност, ќе бидам со неа и покрај неа во битките што ќе ги војува. Се надевам дека нејзината подготвеност и одлучност, измиксани со моите стручни совети, ќе донесат резултат и пласман со кои сите ќе бидеме задоволни и горди. Да се надеваме на најдоброто. Убаво е да се освои медал, ама за мала држава како што е Македонија, успех е и да се влезе во финалето. Но да оставиме времето да си го каже своето, а ние во таа борба и исчекување ќе ги вложиме сите наши знаења и искуство, впрочем како и другите, па нека победи најдобриот.
Дали за време на подготовките во мислите Ви се навраќаа спомените од ПОИ во Лондон 2012, кога Оливера се закити со златен медал?
– Секако. За време на мотивациските подготовки се навраќавме наназад и на Лондон, но и на другите ПОИ на кои Оливера учествувала во континуитет, од Атина 2004 година, па наваму. На сите била во финалето, па зошто сега би го нарушила тој континуитет…
Колку члена ќе го сочинуваат македонскиот параолимписки тим во стрелаштво на претстојните Игри?
– Нашиот тим во Париз ќе има пет претставници. Тоа се Драган Дојчиноски, кој ќе биде шеф на мисијата, д-р Елвис Алексовски, лекар на репрезентацијата, Оливера Наковска-Бикова, спортистка, јас како тренер и заменик-шеф на мисијата и Африм Јашари, нашето параолимписко аташе, инаку советник во Амбасадата на Македонија во Париз. Секако обврските се големи, јас покрај стручната работа со Оливера, ќе ги вршам и сите административни работи, пријавувања и сѐ што е потребно македонскиот тим успешно да се претстави на овие ПОИ.
Каде точно ќе се одржат стрелачките натпревари?
– Натпреварите во стрелаштво ќе се одржат во Шатеру, град оддалечен 270 км од Париз, така што ќе ни недостигаат атмосферата и енергијата што се чувствуваат во олимпиското село за време на Игрите. Ќе бидеме издвоени, но се надевам и максимално фокусирани и успешни во деновите на настапите. Ние неколкупати сме се натпреварувале на ова олимписко стрелиште во изминатите години, но тоа сега е видоизменето за потребата на ЛОИ и ПОИ, така што ќе има нови предизвици и приспособувања, но свесни сме за тоа и мислам дека сѐ ќе помине во најдобар ред. Наковска-Бикова ја има и ќе ја има целата грижа за време на престојот на Игрите. Сите ние од нашиот тим си ги знаеме своите задолженија и треба само секој да си го изврши својот дел од работата најдобро што умее. Во тој случај и резултатот нема да изостане.
Каква конкуренција Ве очекува на стрелачките натпревари?
– Листата на учесници моментно не ја знам дефинитивно, но во конкуренција ќе бидат најдобрите педесетина стрелачи од планетава, од кои најмалку 20 жени. Ако знаеме дека спорт пиштол од 25 метри и пиштол слободен избор од 50 метри е микс-категорија, каде што заедно настапуваат мажи и жени, верувам дека во тие дисциплини ќе бидат во конкуренција по 40 натпреварувачи, а во дисциплината воздушен пиштол жени, околу 20-25 учеснички. Во финалето се пласираат првопласираните осум стрелачки, при што се бришат постигнатите резултати од квалификациите и финалето го почнуваат од нула.