ФРАЊО ФОН АЛМЕН ГИ ОБЕДИНИ СВЕТСКАТА И ОЛИМПИСКАТА ТИТУЛА ВО СПУСТ
- Фрањо фон Алмен го освои златниот медал на СП 2025, а сега е и олимписки првак. Џовани Францони, кој во освои среброто, своевремено се тркаше против Јаник Синер, кој беше извонреден скијач пред да почне да се занимава со тенис. Бронзата ја освои Доминик Парис
Швајцарскиот алпски скијач Фрањо фон Алмен (24) беше крунисан за прв шампион на Зимските олимписки игри (ЗОИ) во Милано и во Кортина д`Ампецо, а Италијанците Џовани Францони и Доминик Парис ги освоија првите медали за Италија во спуст, најатрактивната скијачка дисциплина.
– Се чувствував како на филм, не многу реално. Не можам да ви кажам што значи тоа за мене – рече Фон Алмен, пренесе „Би-би-си“.
Кога се одржаа претходните ЗОИ, Фон Алмен уште немаше настап во Светскиот куп, но уживаше метеорско искачување кон врвот. Тој го освои златниот медал на Светското првенство лани, беше најмладиот освојувач на титула во спуст во претходните 36 години, а таа победа дојде пред да ја оствари првата од неговите четири победи во Светскиот куп. Но патот до славата не беше лесен. На 17 години тој се бореше да ја финансира својата ветувачка скијачка кариера.
– Мојата тркачка кариера висеше на конец – изјави тој за швајцарскиот медиум „Блик“, пренесе „Би-би-си“.
Тој одлучи да се вклучи во групно финансирање и собра доволно пари за да продолжи уште една сезона, по што направи скок во швајцарската репрезентација. Фон Алмен ја припишува обуката како столар за „обликувањето“, а претходно поминувал лета работејќи на градилишта. Но тоа нема да биде потребно сега, откако стана петтиот швајцарски олимписки шампион во спуст од 1948 година, пишува „Би-би-си“. Италијанците импресионираа на домашната патека. Швајцарските скијачи ги држеа сите три позиции на подиумот пред Италијанците да влезат на стартната порта. Парис се смета за крал на оваа патека, откако има седум победи во трки за СК во спуст и во супервелеслалом, а го освои и првиот олимписки медал на своите петти Игри. Како јуниор Францони се тркаше со Јаник Синер, кој беше извонреден скијач пред да почне да се занимава со тенис. Синер, сега четирикратен гранслем-шампион, еднаш го победи Францони, пред 17 години, нешто за што стана свесен по победата во супервелеслалом во Венген годинава. Синер го следеше Францони на социјалните медиуми и оттогаш двајцата се спријателија.
– Добивањето порака од шампион како него ми даде голема мотивација. Помислив, ако ми пишал, тоа значи дека правам нешто како што треба. Тоа беше нешто навистина убаво за мене – рече Францони по победата во спуст во Кицбил – пишува „Би-би-си“. Г.И.
































