Одбојкарите третпат во низа ќе играат во Златната лига, а во август се квалификациските дуели за пласман на ЕП, со Грција и со Грузија. Одбојкарките вторпат ќе настапат во Сребрената лига, а потоа и тие во август ќе играат за пласман на ЕП, со Грција и со Австрија
ОДБОЈКА
Трета година по ред македонските одбојкари ќе учествуваат во Европската златна лига на Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ). Во претходните две изданија Македонија беше во долниот дел на табелата, но избраниците на селекторот Јошко Миленкоски се расположени годинава да ја сменат таквата позиција. Приоритет се квалификациските дуели за пласман на Европското првенство (ЕП) со Грција и со Грузија во август, а учеството во Европската златна лига е дел од процесот на темпирање на формата за тие мечеви. Сепак, ако се укаже шанса, македонските репрезентативци нема да ја пропуштат.
– На кормилото на селекцијата се враќа Јошко Миленкоски што искрено ме радува и сигурен сум дека многу значи и за преостанатите, во оваа сега веќе многу подмладена селекција. Со оглед на тоа дека трета година сме дел од ова натпреварување, мислам дека треба повеќе да вложиме и ќе бараме резултат. Квалификациите следуваат потоа. Преку Златната лига ќе ја темпираме формата и за квалификациите и потоа и таму ќе бараме резултат – вели средниот блокер Филип Савовски, пренесе Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ).
Репрезентацијата викендов во Марибор (Словенија) ќе одигра два тест-меча со Хрватска. Женската репрезентација на Македонија, пак, вторпат ќе игра во Европската сребрена лига. Предизвик што со голем ентузијазам го прифатија македонските одбојкарки, особено поради тоа што мечевите ќе бидат одлична подготовка за квалификациите за ЕП, со Грција и со Австрија, во август.
– Имаме шест натпревари со убав, интересен распоред во Европската сребрена лига. Се надевам дека годинава ќе придонесеме повеќе и ќе стигнеме до поголем успех. Подготвени сме за убави работи што ни претстојат, сите сме здрави и се надевам дека така ќе остане до крајот на ова натпреварување. Имаме позитивна, убава атмосфера, пред сѐ дружба и очекуваме убави успеси – рече репрезентативката Лилјана Ковачевиќ, пренесе ОФМ. Г.И.