МЕМОРИЈАЛЕН ТУРНИР „ВЕНЦИ ПОПОВ“

Интернационалниот мајстор (ИМ) од Косово, Ндерим Сарачи (2.439 рејтинг-поени, рангиран прв пред турнирот), го освои првото место на четвртиот меморијален еднодневен турнир во забрзан шах „Венци Попов“, во Гевгелија, во чест на прерано починатиот истакнат македонски шахист од овој град. Турнирот со темо на игра од 10 минути, плус пет секунди по секој одигран потег, беше во организација и спонзорство на семејството Попови, а во соработка со ШК 7 Ноември. По девет кола, победникот освои 8,5 поени и беше единствениот без пораз.
Второто место го освои ИМ Филип Панчевски (2.418, рангиран втор), а трет беше ИМ Никола Николовски (2.364, рангиран трет), двајцата со по 7,5 поени. Наградниот фонд изнесуваше 120.000 денари. На турнирот, кој беше масовен, со учество на 135 шахисти (три ИМ, четири ФМ, две ЖФМ) од Македонија, Србија, Данска, Германија, Албанија, Грција, Бугарија и од Косово, беа видени многу интересни и неизвесни партии.
Венци Попов (1962-2013) бил повеќекратен пионерски, младински и сениорски првак на Гевгелија и трикратен младински шампион на Македонија (1978, 1979, 1980), а победил на повеќе турнири кај нас и во странство. Бил претседател, играч и тренер на гевгелискиот ШК 7 Ноември, а настапувал и за повеќе реномирани македонски шаховски клубови. Г.И.