На првиот ден самитот се фокусира на улогата на шахот во интеграцијата на образованието во раното детство, на улогата на стратешкото лидерство во глобалното шаховско образование и како искористувањето на технологијата може да создаде поинклузивни средини за учење. Вториот ден самитот се прошири во пошироки области на влијание, истражувајќи комерцијални можности за програми за шаховски училишта, од маркетинг до развој на бизнисот
На 4 до 5 август, престижното средно училиште во Александрија (Вашингтон, САД) беше домаќин на уникатен меѓународен самит, кој истражуваше како шахот може да ги поддржи когнитивниот раст, инклузијата и иновациите во образованието. Конференцијата имаше цел да отвори дијалог меѓу училиштата, истражувачите, иноваторите на „Ед-тек“ („EdTech“) и шаховските федерации за улогата што шахот може да ја игра во образованието и во когнитивниот развој на децата. Со прикажување пристапи поткрепени со истражувања за интегрирање на шахот во раното и основното образование, конференцијата го предизвика конвенционалното размислување за образованието и развојот, информира Светската шаховска федерација (ФИДЕ).
Шахот е повеќе од друштвена игра
Организирана од Меѓународната училишна шаховска федерација во партнерство со ФИДЕ, пионерската меѓународна конференција ги обедини водечките гласови од министерствата за образование, федерациите, училиштата и „Ед-тек“, вклучувајќи претставници од повеќе од 20 земји. Говорници беа познатиот шаховски едукатор и новинар Леончо Гарсија, психологот и експерт за шаховско образование Хозе Франциско Суарез, и Џон Фоли, директор на „Чесплус“, која создава стратешки игри за образование, пишува ФИДЕ.
– Шахот е повеќе од друштвена игра. Тоа е моќна образовна платформа што развива критичко размислување, стратешко планирање и вештини за решавање проблеми, кои се неопходни за 21 век – рече Дана Рејзниеце, заменик-претседателка на Управниот одбор на ФИДЕ.
Дводневниот самит содржеше 15 теми, со главни говорници и презентации фокусирани на улогата на шахот во образованието. На првиот ден, самитот се фокусира на улогата на шахот во интеграцијата на образованието во раното детство, на улогата на стратешкото лидерство во глобалното шаховско образование и како искористувањето на технологијата може да создаде поинклузивни средини за учење. Беа вклучени и настани за врската меѓу шахот и математиката, како и меѓу шахот и стратешките игри. Вториот ден самитот се прошири во пошироки области на влијание, истражувајќи комерцијални можности за програми за шаховски училишта, од маркетинг до развој на бизнисот. Конференцијата заврши со мастерклас од велемајсторот и познат економист Кенет Реган.
Тимур Турлов, претседател на Меѓународната училишна шаховска федерација и извршен директор на „Фридом холдинг“, зборуваше за предизвиците на живеењето во брзо менувачкиот свет и за важноста на адаптирањето на образовните системи.
– Веруваме дека највредната работа во нашиот живот сега е нашата способност да ја одржиме концентрацијата и навистина верувам дека шахот може да биде многу одлична алатка за надминување на овој предизвик. Бидејќи шахот е многу интересна игра што може да го задржи вашето внимание подолг временски период и е прекрасен начин да ја обучите вашата способност за концентрација. Стратегија, самоконтрола, управување со вниманието, способност за размислување како дел од тим, се вештини без кои ниту еден современ лидер не може. И ако сакаме овие прашања да се развијат меѓународно, мора да го интегрираме шахот во образовниот систем како основен предмет – рече Турлов, пренесе ФИДЕ, кој го опиша шаховското образование како „долгорочна инвестиција“ во начинот на размислување на цела генерација, а не како „добротворност“, како што често се гледа.
Претседателот на ФИДЕ, Аркадиј Дворкович, ја истакна важноста на развојот на образовните системи за да се одржи чекор со брзите технолошки промени.
– Целата идеја за Светското првенство на училиштата, исто така, потекнува од таа советска традиција. Мојот татко беше вклучен во тоа. Со воведувањето на шахот во образовниот систем, ги ставаме учениците во овие ситуации што се непознати во училницата, оти тие мора да се соочат со поинаков свет, со некои движења што се важни, некои паметни движења, и тие почнуваат да размислуваат за тоа како тие фигури комуницираат и како да размислуваат за целата шаховска табла и за околината, а не само за едно поле – рече Дворкович, пренесе Светската шаховска федерација.
Шахот е вредна образовна алатка
Централен настан првиот ден беше панелот насловен „Стратешко лидерство во глобалното шаховско образование“, на кој се дискутираа долгорочните стратегии, меѓусекторската соработка и како да се водат иницијативи за вклучување на шахот како дел од официјални владини политики. Модерирана од Рејзниеце, поранешна летонска министерка за финансии, на сесијата учествуваа владини претставници и раководители на програми на организации фокусирани на шахот во образованието, пренесе ФИДЕ. Министерот за спорт и рекреација на Костарика, Доналд Рохас Фернандез, сподели податоци од пилот-програмите, откривајќи намалување на малтретирањето и просечно зголемување од осум проценти на оценките по математика и наука кај учениците што учеле шах, а тој рече дека тоа помогна да се влијае врз одлуката на Владата на Костарика да го направи шахот национален приоритет, нагласувајќи ги позитивните академски и социјални резултати од имплементацијата на шахот во образованието, пренесе ФИДЕ. Mинистерот Чед Блекман од Барбадос објави смела визија за трансформација на образовниот систем на неговата земја со ставање на шахот во неговото јадро, како и тоа дека целта е Барбадос да стане светски лидер во образованието во рок од седум години и дека планира да го користи шахот како клучна алатка за негување „глобално конкурентни, самоуверени и отпорни мислители“. Стејнар Сетре, од Фондацијата на штедилницата ДНБ во Норвешка, забележа дека училиштата сѐ повеќе бараат активности како шах за борба против намалувањето на вниманието на учениците и сподели податоци што покажуваат дека 25 отсто од целото норвешко население има профил на „Чес“, една од водечките глобални онлајн платформи за шах. Џон Кристијан Хар, потпретседател на Норвешката шаховска федерација, дискутираше како шаховското образование да се направи привлечно за брендовите. Тој истакна дека настани како серијата на Нетфликс „Дамин гамбит“ и подемот на млади ѕвезди како ВМ Домарају Гукеш доведоа до „невиден раст на културната релевантност“. Тој ја нагласи потребата од подобро раскажување приказни и јасна комуникација за да се убедат политичарите, службениците и училиштата дека шахот е вредна образовна алатка.
Самитот „Паметни потези“ во Вашингтон постави силни темели за проект што има цел да ја оспособи следната генерација играчи и да го позиционира шахот како моќна алатка за учење и за личен развој, пишува Светската шаховска федерација. Г.И.