Трагајќи по нови предизвици, Димовски смени неколку клуба. Единствена цел му беше постојано да се докажува за да биде прв голман во тимот. Тоа го мотивираше и токму таа особина во текот на целата кариера го држеше на едно високо ниво. Потоа заплива и во тренерските води
Љупчо Димовски (1)
На фудбалската сцена во Македонија во минатиов период продефилираа многу интересни личности. Една од нив беше и голманот Љупчо Димовски, кој беше карактеристичен по тоа што често ја менуваше средината. Тој секогаш се стремеше да биде прв голман во тимот и поради таа причина постојано одеше кон нови предизвици. Поради оваа особина, а нормално и поради неговите голмански квалитети, беше привлечен за клубовите и за фудбалската публика. Кога ќе ја сменеше средината, сите се прашуваа дали таму каде што ќе оди ќе биде прв голман? Голманската позиција е една и единствена, тука нема тактизирања на тренерите како со играчите, со кои може да се прават најразлични комбинации.
За фудбалерот што е способен да игра на повеќе позиции секогаш има место во тимот. Ако не игра, на пример, на онаа позиција на која најчесто настапува, по потреба тренерот може да го постави на некоја друга, на која исто така може да одговори на задачата. Често се случувало поради потребите во тимот дури и типичен бек во одреден момент да игра во линијата за врска или, пак, да биде прекомандуван дури и во нападот. Така е во современиот фудбал и веќе не е чудно да се случуваат и вакви рокади. Но за голманот нема втор избор, или е на голот или е на клупата или, пак, ако има конкуренција од четири-пет голмани, нема да биде ниту меѓу резервите. Таква е судбината на голманите, со нив не може да се тактизира. Оној што го зафатил местото меѓу стативите и добро го чува голот, ретко може да биде сменет. Затоа, голманското место е многу чувствително, па може да се случи некој квалитетен чувар на мрежата цела сезона да преседи на клупата и да остане без и најмала минутажа.
Но, факт е оти и без него не се може. Дури во некои клубови, особено оние поквалитетните и побогатите, третманот на резервниот голман е ист како и на стандардниот, за кого местото може да биде загарантирано не само за година или две туку и за неколку сезони. Па така, „резервистот“ ќе чека и доколку не најде друг клуб, може да се случи воопшто да не застане на голот. Постарите љубители на фудбалот кај нас сигурно ќе се сетат на времето кога Мутибариќ беше прв голман и никој од тренерите на Вардар не помислуваше да го смени. Па така, на клупата постојано беше еден исто така квалитетен голман, Филиповски, кој мораше да биде трпелив и да чека шанса да влета во тимот, доколку на пример популарниот Муто беше повреден или болен. Иста беше ситуацијата и со другите клубови. Ако некој го имаше Пантелиќ или Дика Стојановиќ, другите голмани мораа да чекаат, а можеше да се случи и во текот на целата сезона да не дочекаат ниту еднаш да застанат меѓу стативите. Токму од тие причини, колку некој и да се докажува и да биде квалитетен, тешко може да ги дочека своите пет минути ако веќе на голот со години е еден ист голман, и тоа многу квалитетен. Ќе нема причина тој да биде сменет, па, сепак, тренерот мора да има резервна варијанта, што се вели, за секој случај.
Постојана борба за прв голман
Сега да ја почнам приказната за нашата следна легенда Љупчо Димовски, кој е најубав пример за тоа оти голманот секогаш мора да се докажува.
– Голманот треба постојано да бара соодветна средина и да оди онаму каде што ќе почувствува оти ќе стане прв чувар на мрежата. Од тие причини често ја менував средината и одев онаму каде што сметав оти сигурно ќе бранам. Јас во младите години живеев за фудбалот, мојата љубов кон овој спорт беше преголема, па затоа често и не правев некој избор на клубовите во кои ќе одам, едноставно за мене беше битно да бранам. Некогаш не беа во прашање ниту парите, туку само желбата да бидам прв голман. Некои можеби нема да ме сфатат и ќе помислат, па зошто се занимава со фудбал ако не го интересираат толку парите. Парите да, секого го интересираат, тие значат егзистенција, но некогаш, особено ако си вљубен во нешто, тие не се приоритет. Јас бев таков, сакав само да бранам, а не да чмаам со години на клупата за резервни играчи – вели Димовски.
Сега, откако ќе прошетаме низ кариерата на Димовски, навистина сите ќе сфатат дека она што го кажа предмалку е вистина.
– Почнав да играм фудбал од мали нозе. Учев во ОУ „Песталоци“, во кое имавме активности во повеќе спортови. Меѓутоа, фудбалот ми беше најпривлечен. Тоа беше и од едноставна причина што тој беше и најпопуларен и од „малечки“ кај нас тлееше желбата еден ден да заиграме во Вардар или во Работнички. Тие два клуба беа најпривлечни, особено Вардар, кој беше вистински македонски фудбалски бренд – вели Димовски.
Па така, живеејќи со таа надеж оти еден ден ќе се најде во некој од двата клуба, дојде и моментот кога неговите другари што веќе оделе на тренинг во Работнички го повикале и него да им се приклучи. Тој не ги одбил туку, напротив, веќе следниот ден и тој се нашол на теренот на Работнички.
– Бев многу среќен, а мојата радост беше уште поголема кога видов кој ќе ми биде тренер. Во Работнички во тоа време имаше повеќе тренери, а јас според возраста влегов во групата со која работеше никој друг, туку познатиот новинар и фудбалер Живко Поповски-Чик, кој беше многу популарен и омилен кај фудбалските љубители. Едноставно ми беше чест да тренирам под неговата командна палка. Уште во тие моменти сфатив оти фудбалот ќе биде мојот спорт. Веќе немаше лутање таму-ваму. Навистина ги сакав и ракометот и кошарката, но, сепак, фудбалот ми причинуваше посебно задоволство. А, кога видов кој ќе ми биде и тренер, веќе немаше колебање, останав во фудбалот, и тоа на она што најмногу го посакував, на голманската позиција. Можев и да играм, но најголема желба ми беше да застанам меѓу стативите. Па така, прекуноќ, почна и мојата фудбалска кариера – се сеќава Димовски.
Охрабрувачки резултати на стартот
Димовски почнал во Работнички. Средината му одговарала, но за разлика од неговите другари, кои биле во Вардар, во Работнички особено летото помалку се работело. Причина за тоа сигурно биле и финансиите, зашто, сепак, да се држи целиот кадар во летниот период, кога практично нема натпревари, е многу тешко и бара многу повеќе средства.
– Не можев да стојам од страна и мирно да гледам како едни одмораат, а други работаат. Бев навикнат постојано да бидам активен, а сметав и оти долгата пауза негативно ќе ми се одрази, па затоа ја променив средината и отидов во Вардар. Мора да кажам дека не згрешив, зашто таму се тренираше редовно и без прекини. Тоа мораше да биде така, зашто Вардар секоја година беше канет да ја претставува Македонија на неколкуте сојузни турнири за пионери и младинци. Мојот прв настап на југословенско ниво ми беше токму на пионерскиот турнир во Вуковар. Таму во 1975 година, по победата над Сутјеска од Никшиќ, го освоивме првото место. Тој триумф за мене беше охрабрувачки за понатамошните настапи. Потоа дојдоа и други турнири. Се сеќавам и на оној во Марибор, кој беше многу силен и еден од четирите на кои победниците требаше да играат за шампионската титула во поранешната држава. Таму прво го победивме тимот на Будуќност со 2-1, потоа ремизиравме со Црвена звезда, чиј тренер беше големото име на југословенскиот фудбал Бора Костиќ. Мечот со ѕвездашите беше полн со пресврти. Во првото полувреме напаѓавме, но и лесно примавме голови. Па така, белграѓаните поведоа со 3-1. Во второто полувреме, откако тренерот Сократ Мојсов ни даде некои корисни совети, работата се сврте и израмнивме на 3-3. Тоа беше шок за Костиќ, кој не можеше да поверува што им се случило на неговите млади фудбалери. Со тоа реми и со подобра гол-разлика го освоивме првото место на тој турнир, па така, за вкупен победник од двата турнира требаше да играме со Марибор, и тоа на негов терен. Натпреварот се одигра во „Људски врт“, каде што на трибините имаше околу 5.000 гледачи. Се разигравме и ги посрамотивме домашните фудбалери. Победивме, верувале или не, со 8-0. Имавме навистина една силна екипа, во која беа подоцнежните асови Златко Настевски, Павле Георгиевски, Миле Георгиевски, Милосављевиќ, Костовски, Влатко Димитровски, Баже Лазаревски, Ѓошевски, Јакимовски, Тортевски. Откако триумфиравме, се преселивме во Сараево, каде што во финалето игравме со истоимениот тим, кој беше најдобар во двете сараевски групи. Се сеќавам во финалниот меч со Сараево му одбранив пенал на Ферхатовиќ, а во екипата беа Хаџибегиќ и легендарниот голман Јануш. Победивме со 2-0 и не да се фалам, туку вистина е оти јас на голот бев феноменален. Впрочем, утредента и насловот „Димовски го донесе пехарот“ во белградски „Спорт“ најубаво сведочи за мојата заслуга во освојувањето на југословенската шампионска титула, втора за Вардар по онаа во 1949 година. По овие одбрани селекторот на младинската репрезентација Вилотиќ ме зеде во националниот тим, за кој настапив на „Трофејот на Југославија“ во Белград, каде што во конкуренција на Чехословачка, Австрија и Франција го освоивме првото место. Во „синиот“ тим покрај мене беа и Слишковиќ, Радиновиќ, Пашиќ и други подоцна познати имиња на југословенскиот фудбал – вели тој.
За понатамошниот тек на кариерата на Љупчо Димовски ќе читате идната недела.
Љупчо Димовски
Роден: во 1957 година во Скопје
Кариера: голман во неколку познати фудбалски клуба: Вардар, Работнички, Победа, ФЦУ, Балкан, Металург
Тренерска кариера: Почна во Балкан, продолжи во повеќе македонски клубови, а беше тренер или член на стручните штабови на грчките екипи Касторија, Јанина, Кавала, Трикала и Перикос
Успеси: Младински шампион на поранешна Југославија со ФК Вардар во 1975 година, репрезентативец на поранешната држава со освоено прво место на младинскиот „Трофеј на Југославија“ во Белград