ТЕНИС – МАТЕРС-ТУРНИР ВО МАДРИД
Најдобрата тенисерка на светот Арина Сабаленка се пласира во финалето на женскиот мастерс-турнир, кој се игра во Мадрид, Шпанија. Белорусинката во два сета ја совлада во полуфиналето Украинката Елена Свитолина по час и 33 минути игра. Првиот сет Сабаленка го доби лесно со 6-3, но голема борба се водеше во вториот сет, кој на крајот сепак го доби Белорусинката со 7-5.
Сабаленка, која е и прва фаворитка на овој турнир, само ја оправда улогата дека е број еден во светот. За неа ова е четврто финале во последните пет години и денеска сигурно ќе настојува да го подигне и третиот трофеј на земјените терени во Мадрид. Нејзина ривалка во финалето ќе биде младата и амбициозна Американка Коко Гоф, која во голем стил во полуфиналето ја надигра Ига Швјонтек од Полска со 2-0 во сетови (6-1, 6-1) и ќе се бори за својот прв трофеј во Мадрид. Финалниот дуел започнува денеска во 18.30 часот. Г.И.