АЛПСКО СКИЈАЊЕ
- Олимписките шампиони Одермат, Шифрин и Вон се меѓу ѕвездите што ќе бидат во акција, пишува ИОК
Извештајот за снегот од Зелден (Австрија) е добар и на 25 и 26 октомври најдобрите скијачи во светот во велеслалом ќе се тркаат еден со друг на отворањето на Светскиот куп (СК) во алпско скијање, пишува Интернационалната скијачка федерација (ФИС).
Тоа ќе биде 60. издание на најпрестижното натпреварување во популарниот зимски спорт. Од октомври до март, најдобрите скијачи во технички и брзински трки ќе се натпреваруваат за кристалните глобуси и за поени во сезона обележана од Зимските олимписки игри (ЗОИ) во Милано и во Кортина д`Ампецо во 2026 година. Олимписките шампиони Марко Одермат, Микаела Шифрин и Линдзи Вон се меѓу ѕвездите што ќе бидат во акција, пишува Интернационалниот олимписки комитет (ИОК). Втора сезона по ред Одермат брани четири титули, во генерален пласман, спуст, супервелеслалом и во велеслалом. Швајцарецот го брка својот петти голем Кристален глобус по ред, што би го сместило на второто место на листата на сите времиња заедно со луксембуршката легенда Марк Џирардели, а зад Марсел Хиршер со осум, пишува ИОК. Кај скијачките, во март, Федерика Брињоне ја запечати својата најдобра сезона досега, станувајќи, на 34 години, највозрасна победничка во Светскиот куп и додавајќи уште два глобуса во својата колекција, вклучувајќи и неочекувана титула во спуст. Неколку недели подоцна Италијанката се повреди и сега се трка со времето за да закрепне за настап на домашните ЗОИ.
СК почнува со традиционалните велеслаломски трки во Зелден, а треба да заврши со финалето во Лилехамер (Норвешка), од 19 до 25 март в година. По воведните трки, скијачите потоа во ноември ќе се упатат кон Северна Америка, а Копер Маунтин ќе се врати во алпскиот календар првпат по повеќе од 20 години. Потоа трките се селат назад во Европа, во некои од најзначајните места во спортот, вклучувајќи ги Вал Гардена (Италија), Вал д’Изер (Франција), Аделбоден, Венген (Швајцарија), Кицбил и Шладминг (Австрија). Италијанскиот Тарвизио, кој беше домаќин на Европскиот зимски младински олимписки фестивал во 2023 година и на Светското првенство во алпски спортови за јуниори годинава, во јануари ќе го има своето деби во Светскиот куп. СК ќе паузира од 6 до 22 февруари за ЗОИ. Сезоната потоа ќе продолжи со неколку европски станици, вклучувајќи ги и машките брзински трки во познатото германско одморалиште Гармиш, пред да се заокружи во Норвешка на патеките каде што се одржаа ЗОИ 1994. Н.М.