ШАХ – 58. МЕМОРИЈАЛ „КАПАБЛАНКА“, СЕДМО КОЛО

Македонскиот велемајстор (ВМ) Евгени Романов (рејтинг 2.599) вторпат го подели поенот со ВМ од Куба, Карлос Алборноз Кабрера (2.548), во седмото коло на 58-от меморијален шаховски турнир „Капабланка“, но овој пат со црни фигури, што е негово трето реми. Турнирот се игра двокружно (секој со секого) во 10 кола. Покрај Романов и Кабрера, на турнирот играат уште тројца ВМ, Русите Волдар Мурзин (2.658) и Арсени Нестеров (2.587), Данецот Јонас Бухл Бјере (2.641). Во ова седмо коло, Бјере со црни фигури го победи првиот фаворит Мурзин, а Несторов беше слободен, по што води Бјере со 4,5 поени, а потоа се Мурзин со 3,5, Несторов со три и Кабрера и Романов со по 1,5 поен. Меморијалот се одржува во повеќе натпреварувачки турнири, а петтемина играат во најквалитетниот, наречен Елита.
Хозе Раул Капабланка е кубански шаховски велемајстор, автор на шаховски книги, дипломат и третиот по ред светски првак во шах. Тој бил еден од најсилните шахисти во светот во периодот од 1910-тите до 1930-тите, победувајќи на многу турнири, а по победата во мечот против Германецот Емануел Ласкер во 1921 година, станал светски првак, остварувајќи четири победи, 10 ремија, без пораз. Титулата ја задржал до 1927, кога загубил од Русинот Александар Аљехин, со шест порази, три победи и 25 ремија. Во периодот на најголема слава го нарекле шаховска машина, оти еднакво добро ги играл партиите во фазите на средишница и завршница, практично без да направи грешка. Во официјалните партии на врвно ниво, одиграни по 1909 година, Капабланка победи во 34 партии, а од 1916 до 1924 година останал непобеден. Г.И.