Засега најуспешен македонски шахист е Никола Николовски, кој со 3,5 поени е на 15-то место
Норвешкиот велемајстор (ВМ) Евгени Романов (2.561, рангиран втор пред почетокот на турнирот) води по петтото коло на традиционалниот меѓународен шаховски турнир Скопје опен 2023. Романов, кој игра на А-турнирот (играчи со најмалку 2.000 рејтинг-поени, настапуваат 128 шахисти, од кои 14 ВМ), има 4,5 поени, а го следи група од седум шахисти со по четири поени. Од 29-те македонски шахисти, засега најуспешен е интернационалниот мајстор (ИМ) Никола Николовски на 15-то место, ВМ Звонко Станојоски е на 17-то и Леонид Петрески е на 21-то место, сите со по 3,5 поени, а меѓу шахистките Сања Трајковска е на 47-то место со три поени.
Турнирот годинава се смета и за прво официјално Балканско поединечно првенство во машка и во женска конкуренција.
На Б-турнирот (до 2.000 рејтинг-поени, играат 169 шахисти/ки од 21 држава), по петтото коло води Фахрудин Халиловиќ (1.977, рангиран втор) од БиХ со максимални пет победи, а го следат Зоран Костадиновски (1.893) од Македонија, Гинчо Гочев (1.806) од Бугарија, Онур Тасци (1.987) од Турција и Валтон Џеладини (1.743) од Македонија, со половина поен помалку. До крајот и на А и на Б-турнирот остануваат уште четири кола. Г.И.