ШАХОВСКА ОЛИМПИЈАДА ВО БУДИМПЕШТА, СЕДМО КОЛО
Македонските шахисти ја совладаа фаворизираната Швајцарија со 2,5-1,5 и по седмото коло останаа на одличното 25-то место, а шахистките ремизираа со Тринидад и Тобаго и се на 84-то место
Репрезентацијата на Македонија со одлична игра приреди големо изненадување во седмото коло на 45. Шаховска олимпијада (ШО) во Будимпешта, совладувајќи ја фаворизираната Швајцарија (рангирана на 38-то место пред почетокот на ШО, со просечен рејтинг од 2.524 поени). За Македонија (рангирана на 62-то место, 2.421) ова беше петта победа и со вкупно 10 бода (вкупно 21 поен по табли, што по седум кола е втор најдобар збир, по Индија, со 23,5) остана на одличното 25-то место меѓу 197 селекции.
Победничкиот поен го донесе ВМ Евгени Романов на првата табла, кој со маестрална игра успеа во навидум еднаквата позиција да ја реализира предноста со пешак повеќе во завршница на кралици. Одлично одигра и досега непоразениот ИМ Тони Лазов (5,5 поени од шест можни, досега има плус 19,4 рејтинг-поени), кој во убава комбинација на два ловци и кралица успеа да му сплете матна мрежа на повисокорангираниот противник. ИМ Емил Ристески прв ремизира во еднаква позиција, а првиот пораз на ШО 2024 го доживеа ФМ Антон Златков. Во вчерашното осмо коло Македонија играше со силната Полска (рангирана на 11-то место, 2.658), на чело со ВМ Јан-Кшиштоф Дуда (2.732), 18-ти играч во светот.
– Романов во оваа партија се трудеше да наметне долга игра и одеше на победа, со оглед на фактот што има и многу позитивен резултат со противникот. Тој е немилосрден професионалец, кој секогаш се подготвува, а и многу ѝ помага на екипата со неговите совети – ни изјави македонскиот селектор Атанас Кизов.
Возбудливо беше и на дуелот на македонските шахистки, кои, рангирани на 57-то место (просечен рејтинг 2.026) го впишаа и третото реми, овој пат на средбата со Тринидад и Тобаго (рангиран на 97-то место, 1.847) иако беа фаворитки. Ивана Манова на првата табла со сигурна игра ја реализира пешачката завршница. Сања Трајковска загуби, додека многу неизвесности имаше во партиите на Моника Жежовска и Леа Ефтовска, кои иако беа со пешак помалку, успеаја да одржат реми-позиција. Македонките засега се на 84-то место со седум бода (14,5 по табли) меѓу 181 селекција. Вчера играа со Јужна Африка (рангирана на 87-то место, 1.878).
Индија продолжува да блеска. Во отворениот дел ја совлада Кина (2,5-1,5), а многу очекуваниот дуел на првата табла помеѓу Домарају Гукеш и Динг Лирен не се случи (двајцата треба да играат меч за титулата светски првак во ноември). Иран, рангиран 10-ти, го запре забревтаниот Виетнам (2,5-1,5) и е втор на табелата.
Во женскиот дел клучниот меч за врвот беше помеѓу прворангираната Индија и второрангираната Грузија, а славеше Индија, со 3-1, со што направи голем исчекор да го подобри својот бронзен медал од ШО 2022, победувајќи ги досега сите свои ривали. Полска и Украина ремизираа, па Индија побегна два бода пред Полска, Казахстан и пред Франција. Г.И.
ШО 2024, СЕДМО КОЛО
Швајцарија – Македонија 1,5-2,5
ВМ Себастијан Богнер (2.545) – ВМ Евгени Романов (2.567) 0-1
ВМ Јаник Пелетиер (2.526) – ИМ Тони Лазов (2.360) 0-1
ВМ Ли Мин Пенг (2.514) – ИМ Емил Ристески (2.367) реми
ВМ Нико Георгиадис (2.510) – ФМ Антон Златков (2.346) 1-0
Тринидад и Тобаго – Македонија 2-2
ЖИМ Габриела Џонсон (1.896) – Ивана Манова (2.032) 0-1
ЖКМ Исвет Родригез (1.943) – Моника Жежовска (2.107) реми
ЖКМ Зара Ла Флеур (1.773) – Сања Трајковска (1.920) 1-0
ЖКМ Шемилах Џејмс (1.774) – Леа Ефтовска (1.841) реми