Фото: „Нова Македонија“

Во шестото коло највисокорангираниот македонски шахист го подели поенот со црни фигури со ВМ од Ерменија Шант Саргсјан, што е негово трето реми, покрај трите победи

ШАХ – ПО 6. КОЛО НА ПОЕДИНЕЧНОТО ЕП 2024

Македонскиот велемајстор (ВМ) Евгени Романов (2.584 рејтинг-поени, рангиран 54. пред почетокот на турнирот) го забележа и третото реми на 24. поединечно Европско првенство (ЕП) во шах во Петровац (Црна Гора). Во шестото коло, највисокорангираниот македонски шахист, играјќи на петтата табла, со црни фигури го подели поенот со ВМ од Ерменија. Шант Саргсјан (2.655, рангиран осми).
Се играше отворањето Нимцовиќ-Росолимо (без… д6), а ремито во еднаква позиција, со по една кралица и топ и по пет пешаци на двете страни, беше потпишано во 26-от потег. Досега Романов има по три победи и ремија и моментално е на 13-то место, со 4,5 поени (има рејтинг-перформанс од високи 2.728 поени и освоени 11,7 рејтинг-поени). По единствениот слободен ден, во вчерашното седмо коло, Романов со бели фигури играше со ВМ од Шпанија, Латаса Сантос (2.630, рангиран 29. пред ЕП).
На половината од ЕП 2024, во водство со 5,5 поени сам изби ВМ од Србија, Александар Инџиќ (2.624, рангиран 33.), кој годинава со ШК Алкалоид го освои екипниот сребрен медал на Европскиот клупски куп (ЕКК) во Врњачка Бања, но и злато за поединечен резултат на шестата табла. Зад него е група од осум шахисти со по пет поени.
Новиот европски првак ќе биде познат по одигрувањето на 11 кола. Шахистите играат за титулата европски шампион во класичен шах, но и за 20 квалификациски места за настап на Светскиот куп на Светската шаховска федерација (ФИДЕ) за 2025 година. Г.И.