Самитот ја поставува Македонија како центар на регионалната спортска соработка, место каде што спортот ја покажува својата најголема сила – да ги обединува луѓето, државите и културите
РЕГИОНАЛЕН СПОРТСКИ САМИТ „СКОПЈЕ 2025“
Под мотото „Спортот како национален идентитет и визија за иднината“, вчера во Скопје беше отворен регионалниот спортски самит „Скопје 2025“, кој се одржува под покровителство на Министерството за спорт на Република Македонија. Самитот ја поставува Македонија како центар на регионалната спортска соработка, место каде што спортот ја покажува својата најголема сила – да ги обединува луѓето, државите и културите.
– Овој самит не е само формален настан туку платформа за заеднички визии, размена на искуства и градење нови партнерства. Верувам дека преку регионална соработка и поддршка од институциите, спортот ќе биде двигател на здраво, современо и просперитетно општество – порача министерот за спорт Борко Ристовски во воведното обраќање.
На свеченото отворање поздравно обраќање имаше вицепремиерот во Владата и министер за транспорт и врски Александар Николоски.
– Како влада сме сериозно посветени на спортот. Тоа што можеме ние да го направиме е да помогнеме да се развива инфраструктурата и да им се даде шанса на сите што сакаат да спортуваат. Воведовме една амбициозна програма за поддршка на локалната самоуправа во која сериозни средства се наменети за спортот. Преку Министерството за спорт инвестираме и речиси нема место каде што не носиме спортска инфраструктура и на тој начин овозможуваме младите да практикуваат спорт. Во тек се неколку законски измени што ќе овозможат финансиски олеснувања и можност за сериозни инвестиции во спортот. Сметам дека оваа синергија помеѓу инвестиции во инфраструктурата и можност за инвестирање во спортот ќе даде резултати. Како влада сме тука секогаш кога можеме да помогнеме и да дадеме поддршка и нашата работа застанува тука, бидејќи сакаме да ја држиме политиката надвор од спортот – рече Николоски.
Присутните беа особено инспирирани од мотивациската приказна на легендата на македонскиот фудбал Горан Пандев, кој ја сподели својата лична спортска патека и ја нагласи улогата на спортот во градењето карактер и заедништво.
Првиот панел на самитот, на тема „Како спортот ја обликува иднината на Балканот: Преку соработка до успех“, донесе плодна дискусија меѓу министрите за спорт од регионот – Борко Ристовски (Македонија), Зоран Гајиќ (Србија) и Драгослав Шќекиќ (Црна Гора). Министрите од трите земји се согласија дека регионалната соработка е клучна за развојот на спортот, инфраструктурата и младите таленти, како и за градење заедничка визија за иднината на Балканот.
На панелот „Спонзорства во спортот: Како до профитабилни партнерства“, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска ги повикаа македонските компании повеќе да вложуваат во спортот.
– Ако сакаме да имаме економија, мора да имаме здрава нација, дисциплинирана и победнички настроена. Такви карактеристики имаат спортистите. Затоа треба да вложуваме многу во училишниот спорт и да овозможиме секое дете да има пристап до спортот. Ова е еден од нашите приоритети. Како министерка за финансии давам голема поддршка за спортот, а доказ за тоа е буџетот на Министерството за спорт – рече Димитриеска-Кочоска.
На вчерашниот спортски самит „Скопје 2025“ беше предвидено да се одржат девет панели на повеќе теми од областа на спортот, на кои дискутираат претставници на спортски федерации и клубови, истакнати претставници на институции, медиуми, приватни компании, спонзори, тренери, информираа од Министерството за спорт. Г.И.