ОДБОЈКА

Македонскиот одбојкарски стратег и поранешен репрезентативец Жарко Ристоски и неговиот клуб Ал Хилал имаа одлично загревање за натпреварувачка сезона во Саудиска Арабија, откако го освоија Националниот куп, откако во финалето славеа со 3-0 во сетови на дуелот со Ал Ахли и со тоа го одбранија ланскиот трофеј, информираат од Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ). Најдобрите осум екипи учествуваа во Националниот куп, а клубот на Ристоски на патот до трофејот победи и на средбите со Ал Насер со 3-1 во сетови во четврт-финалето и со Ал Итихад, во полуфиналето, со 3-0. Ова е втор трофеј за македонскиот тренер и клубот Ал Хилал сезонава, откако претходно го освоија и Интернационалниот клупски шампионат, кој се одржа во Абу Даби, пишува ОФМ. Ристоски и Ал Хилал ќе ја бранат шампионската титула и во националното првенство на Саудиска Арабија, кое почнува на 21 ноември. Г.И.