Во првото коло, македонските претставници забележаа две победи, реми и три порази. На ЕП играат 317 шахисти (114 ВМ) од 40 држави

ШАХ – ПОЕДИНЕЧНО ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ВО СЛОВЕНИЈА

Две победи, едно реми и три порази се резултатите на шестемина македонски претставници на 22. Европско поединечно првенство (ЕП), кое во 11 кола се игра Брежице, Словенија, во конкуренција на 317 шахисти, од кои 114 велемајстори (ВМ), од 40 држави. Прворангиран е Чехот Давид Навара (2.700 рејтинг-поени).
Цел поен освоија искусниот ВМ Кирил Георгиев (2.564, рангиран на 73-то место), кој го победи израелскиот ФИДЕ-мајстор (ФМ) Ори Кочави (2.253, рангиран на 231-то место) и кандидатот мајстор (КМ) Хедон Мифтари (1.987, рангиран на 297-то место), откако италијанскиот ВМ Микеле Годена (2.442, рангиран на 138-то место) не се појави на партијата. Вистинска сензација можеше да приреди младиот ФМ Емил Ристески (2.374, рангиран на 177-то место), кој испушти победа против силниот ВМ од Ерменија, Роберт Ховханисјан (2.643, рангиран на 19-то место), кој по непрецизна завршница успеа да ремизира со „вечен шах“.

Порази доживеаја Филип Михов (2.255, рангиран на 229-то место) од холандскиот ВМ Лукас ван Форест (2.572, рангиран на 71-то место), ФМ Роберт Велески (2.136, рангиран на 264-то место) од украинскиот ВМ Володимир Ветошко (2.537, рангиран на 105-то место) и АФМ Филип Златков (2.081) од норвешкиот ИМ Кристијан Холм (2.468, рангиран на 119-то место).
– Во италијанско отворање имав предност во текот на целата партија, но во 41-от потег со превид делумно ја испуштив, а во 46-от и целата предност, што ме одведе до вечен шах. Тука дојдов без преголеми очекувања и притисок, оти, сепак, ова е многу силно ЕП, а целта ми е да стекнам искуство и да ја освојам втората норма за интернационален мајстор – ни изјави Ристески.
Македонија двапати беше домаќин на европските првенства, и тоа на второто, во Охрид, во 2001 година (играа 203 шахисти) и на 20-то, во Скопје, во 2019 година (настапија 361 шахист). Најмногу шахисти (408) досега учествувале на ЕП во 2010 година, во Риека.