Давидовски беше доајен во македонското спортско новинарство. Неговата кариера траеше долго, а во 40-годишниот работен век во Македонското радио, Радио Скопје, 23 години беше уредник на спортската редакција. Тој беше и фудбалер, кој во 1949 година со младинскиот тим на Вардар ја освои титулата шампион на Југославија
Бранко Давидовски-Мајка (1)
Да се пишува за Бранко Давидовски, за многумина попознат како Бранко- Мајка, значи да се пишува за еден новинар доајен, кој е меѓу втемелувачите на македонското спортско новинарство. Неговите новинарски почетоци беа десетина години по Втората светска војна, кога всушност почнаа брзиот развој и квалитетното издигнување на многу спортови во новоформираната држава. Тоа беше интересен период, кога младите барајќи поле за афирмација се занимаваа со некој од спортовите што во тоа време беа многу актуелни и популарни. Давидовски, како скопско дете, кое растеше во самиот центар на градот, уште во раното детство почна да ја шутка топката на импровизираните игралишта на улиците и тротоарите. Тогаш тој веројатно не ни помислуваше дека еден ден токму преку фудбалот, во кој имаше сериозни постигнувања, ќе стигне до неговата животна професија – да стане спортски новинар.
Интересна е неговата приказна за сите тогашни случувања во спортот, во која иако Давидовски веќе не е меѓу нас (животната сцена ја напушти во 2018 година), јас ќе користам негови цитати од емисијата што ја снимив во рамките на серијалот посветен на Македонските спортски легенди.
Фудбалот му беше приоритет
Зборувајќи за многу работи што се случуваа и ги имаше доживеано во детството, а потоа и во младинските денови, тој потенцираше дека од сите нешта, нему приоритетен му беше фудбалот.
– Јас како и сите деца во градот имав една голема спортска љубов. Нема да изненадам никого ако кажам дека таа љубов беше вткаена во фудбалскиот клуб Вардар, кој внесе една свежина во нашето живеење. Вардар беше синоним не само за фудбалот туку и за спортот воопшто. Токму со неговото име беа поврзани и најубавите спортски спомени од мојата младост. За да не останам само обичен навивач на клубот, уште по неговото формирање со фузијата на Македонија и Победа во 1947 година, како 17-годишник се вклучив во младинската екипа на Вардар. Ја имав таа привилегија во тоа време да тренирам со многу фудбалери што подоцна станаа вистински фудбалски ѕвезди – ја почна својата приказна Бранко Давидовски.
Но интересно е како Давидовски дојде во најпопуларното спортско семејство и како течеше неговиот натамошен фудбалски живот.
– Сите ние што бевме задоени со фудбалот и во младоста нему му дававме приоритет, прво почнавме да се занимаваме со оваа игра на скопските улици. Тогаш немаше многу фудбалски игралишта, па затоа самите се снаоѓавме и го креиравме фудбалскиот живот. Улиците, тротоарите, а подоцна и училишните дворови беа местата каде што најмногу ја шуткавме топката. Се сеќавам на многу интересни меѓумаалски натпревари. Тогаш владееше една жестока конкуренција меѓу маалата и се водеше трка кое маало ќе биде најуспешно. Такво беше тоа време, сакавме да се разонодуваме, а токму фудбалот ни го овозможуваше тоа. Но морам да кажам оти пред почетокот на натпреварот со кое и да е маало гледавме дали меѓу насобраните гледачи има некој од таканаречените скаути на Вардар, кои ги ловеа талентите. Ако забележевме оти има некој од нив, тогаш игравме со голем мотив, сакајќи да го привлечеме неговото внимание за подоцна да дојдеме во редовите на Вардар – зборуваше Бранко-Мајка.
Со Вардар младински шампион на Југославија
Скопје имаше голема среќа што во виорот на војната, кога многу личности, па и цели семејства, се раселуваа и го напуштаа родното огниште, токму во него свое прибежиште најде еден од најпознатите фудбалски тренери, по потекло Унгарец, Илеш Шпиц. Тој уште во текот на војната работеше како тренер во скопските клубови. Се разбира не во Вардар, зашто Вардар тогаш и не постоеше и беше формиран во 1947 година, за подоцна да стане клуб со сите македонски национални обележја.
Направив една мала дигресија, да потсетам на Шпиц и на почетоците на Вардар, за да дојдеме до она што всушност се случи со фудбалската кариера на нашата новинарска легенда Бранко Давидовски.
– Имав среќа што на еден натпревар беше дојден да нѐ гледа легендарниот Шпиц. Тоа некако ме мотивира, но од многуте млади фудбалери не верував дека токму јас ќе бидам оној што ќе биде забележен од големиот стручњак. Мора да кажам оти на тој натпревар некако и топката ме сакаше, па имав неколку извонредни проигрувања ,од кои највпечатливо беше моето додавање од тешка позиција до подоцнежната вардарова ѕвезда, доктор Милан Миланов. И јас самиот не знам како го изведов сето тоа, но знам само оти веднаш по натпреварот Шпиц дојде и ми рече: „Момче, од утре доаѓај на тренинзите со младинците на Вардар“. Бев изненаден и задоволен. Така и јас се најдов во вардаровото јато, во кое станав стандарден во првата младинска екипа, со која во 1949 година, по победата над Рудар со 2-1, пред 10.000 гледачи на Градскиот стадион во Скопје, ја освоивме титулата младински прваци на Југославија – ми зборуваше во емисијата Бранко.
Така, Бранко Давидовски стана еден од оние што веднаш по формирањето на Вардар почнаа да ја испишуваат неговата историја, за подоцна како новинар да даде максимален придонес во афирмацијата на македонскиот фудбалски бренд. Инаку, од оние соиграчи во тој младински тим на Вардар посебно ги споменуваше Диме Арсовски и Тоде Георгиевски, а не забораваше да го спомене и својот постар колега новинар, инаку еден од оние што оставија печат во скопскиот фудбал, Драган Геров.
Јордан Ивановски го внесе во новинарството
По оние блескави моменти што ги доживеа со младинскиот тим на Вардар, се очекуваше и Бранко Давидовски-Мајка, како и другите негови соиграчи, да ја продолжи својата кариера и да се најде во првиот тим. Но тој беше објективен и велеше:
– Реално, не можев да го прифатам предизвикот и да продолжам да играм фудбал. Сметав дека треба да помине многу време за да созреам како фудбалер и да стигнам до првиот тим на Вардар, кој во своите редови имаше извонредни фудбалери, кои со успех ги бранеа боите на клубот во Првата југословенска лига. Затоа, на изненадување на сите што ме опкружуваа и со кои се дружев, се повлеков и моите мисли сега беа насочени кон нешто што многу ме привлекуваше, а тоа беше новинарството. Во 1950-тите години во Скопје почна да излегува и првиот спортски весник, „Спортист“, па познатиот новинар Јордан Ивановски, кој беше уредник на весникот, ми рече: „Кога веќе си прекинал со фудбалот, а си се запишал и на Правниот факултет, зошто не дојдеш да се пробаш и во новинарството“. Оваа понуда како одвај да ја чекав и, нормално, ја прифатив. Но уште во почетокот се соочив со нешто што подоцна постојано ме потсетуваше да бидам внимателен. Мојот прв текст беше „Во Скопје падна првиот снег“. Со тоа алудирав оти, еве, временските услови нема да им бидат наклонети на спортистите и тешко ќе може да се игра. Но, како да заборавив на брзите временски промени, особено во ова наше поднебје, па утредента кога излезе весникот низ градот немаше ниту трага од снегот, кој прекуноќ се стопи. Ете, така почнав со новинарството и со првиот снег, кој дојде и брзо се стопи, а многумина од читателите на „Спортист“ се прашуваа каде го виде Бранко снегот.
Ова беше првата новинарска епизода од животот на популарниот Бранко, а она со написот за снегот како да му беше опомена другпат да не се „залетува“. Потоа со голем ентузијазам заплива во спортското новинарство и стана еден од најпознатите новинари не само во Македонија туку и пошироко во поранешна Југославија, зашто многу години беше и постојан спортски дописник на еден од најтиражните југословенски весници, белградска „Политика“.
За новинарската кариера, како и за многубројните известувања од спортските приредби, нормално и за возбудливите доживувања на легендарниот Бранко Давидовски ќе читате идната недела.
Бранко Давидовски
Роден: во Скопје во 1930 година, почина во родниот град во 2018 година.
Кариера: фудбалер, член на младинската екипа на ФК Вардар, која во 1949 година стана првак на Југославија. Спортски новинар, кој 23 години во континуитет беше уредник на спортската редакција во Македонското радио, Радио Скопје, а до распадот на Југославија 25 години беше постојан спортски дописник на белградска „Политика“
Успеси: Неколкупати прогласуван за новинар на годината во анкетите на Сојузот на спортовите на Скопје и на Македонија, како и на Фудбалската федерација на Македонија. Во 1995 година беше добитник на престижната награда „Крсте Мисирков“