Ќе дадеме соодветен отпор на секоја селекција во нашата група, која патем е најсилна на ова врвно светско натпреварување, кое првпат се одржува одделно од поединечниот дел, вели селекторот на сениорите во борби, Александар Кузмановски
КАРАТЕ
Со последниот одржан тренинг во Скопје машката сениорска карате-репрезентација на Македонија, која се квалификува меѓу 20-те најдобри екипи учеснички на Светскиот куп (СК), успешно ги приведе до крајот завршните подготовки во борби и во кати. Овој престижен настан ќе се одржи од петок до недела во Памплона (Шпанија), а ќе настапат најдобрите 20 селекции.
– Ќе дадеме соодветен отпор на секоја селекција во нашата група А, која патем е најсилна (Иран, Италија, Хрватска и Австралија) на ова врвно светско натпреварување, кое првпат се одржува одделно од поединечниот дел. Има четири групи со по пет селекции, а само првите две од секоја група одат понатаму. Ништо не е невозможно, а за да се вмешаме во борбата за втората позиција, потребно е моите избраници го дадат својот максимум и да го остават срцето за Македонија. Ќе бевме уште поконкурентни доколку во составот беа Витомир Трајковски и Петар Заборски, но поради повреди нема да настапат. Ова е селекција на млади каратисти, но докажани на младинските првенства, шампиони во своите категории во Македонија и мошне искусни, кои имаат освоено медали од европски и од светски сениорски првенства. Треба само да изработат како што тие умеат и резултатот ќе биде во наша корист. Голем успех е што воопшто сме меѓу првите 20 земји во машкиот тим во борби, а тоа се должи пред сѐ на континуитетот на успешни настапи. Така беше и на ЕП годинава во Загреб, каде што го освоивме седмото место, кое, пак, ни го овозможи овој настап во Памплона. Моја следна цел ќе биде да создадам тим со овие натпреварувачи, кои ќе донесат медал за Македонија од сениорско екипно ЕП во годините што следуваат – вели искусниот селектор на сениорите во борби, Александар Кузмановски, кој и ги водеше завршните подготовки на репрезентативците.
Репрезентативните бои на Македонија во Памплона во борби ќе ги бранат Берат Јакупи, Емил Павлов, Петар Спасеновски, Данило Божовиќ, Стефан Стојановиќ, Матеј Белистојаноски, Љупче Михајлов и Мурсел Мисини, а во кати ќе настапат Андреј Стојановски, Марко Поптодоров и Марко Димовски, предводени од селекторот Стојан Андриевски. Г.И.