Првиот собир на одбојкарите ќе биде на 17 јули во Маврово. Во квалификациите за ЕП 2026, на 13 август Македонија ѝ гостува на Грција, а четири дена подоцна ја пречекува Грузија. На ЕП 2026 во Финска, Италија, Романија и во Бугарија ќе се пласираат победниците на седумте квалификациски групи и петте најдобри меѓу второпласираните
ОДБОЈКА
Селекторот на машката одбојкарска репрезентација на Македонија, Јошко Миленкоски, одлучи да направи мала промена во подготвителниот период на репрезентацијата во пресрет на квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) в година. Првиот собир на одбојкарите ќе биде на 17 јули во Маврово, а не како што првично беше најавено на 20 јули, информираат од Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ).
По завршувањето на обврските во Европската златна лига, репрезентативците имаат малку повеќе од три недели одмор пред повторно да се соберат во Маврово, во пресрет на квалификациските дуели со Грција и со Грузија, во групата Ф, преку кои Македонија ќе настојува да се пласира на Европското првенство во 2026 година, што за сениорите ќе биде четврти настап во низа.
Другиот дел од подготовките е според основниот план. Така, репрезентацијата десет дена ќе ја темпира формата во Маврово, а потоа ќе патува во Бугарија, каде што во Софија ќе одигра два контролни натпревара со Бугарија (на 29 и на 30 јули). Потоа македонската селекција ќе се стационира во Скопје, каде што ќе ја одработи завршната фаза од подготовките.
Генерална проба за сениорите пред квалификациските натпревари ќе биде настапот на 49-то издание на традиционалниот меморијален турнир „Бранко Хаџи Иљоски-Чајка“, на кој, покрај Македонија, учеството го потврдија Бугарија и Швајцарија. Турнирот ќе се одржи од 5 до 7 август во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје.
Во квалификациите за ЕП 2026, на 13 август Македонија ѝ гостува на Грција во Атина, а четири дена подоцна во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје ја пречекува Грузија, во рамките на групата Ф. На ЕП 2026 во Финска, Италија, Романија и во Бугарија ќе се пласираат победниците на седумте квалификациски групи и петте најдобри меѓу второпласираните. Обезбеден пласман имаат домаќините на континенталното првенство, како и Србија, Холандија, Италија, Полска, Франција, Бугарија, Украина и Словачка, според пласманот на ЕП 2023. Г.И.
Почна летниот преоден рок за домашни играчи
Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ) го отвори летниот преоден рок за домашни играчи во пресрет на новата натпреварувачка сезона. Според правилниците на ОФМ, летниот трансфер-период ќе трае до 7 септември. Освојувачот на Купот на ОФМ 2025, Штип УГД, уште на првиот ден го најави своето прво засилување, а тоа е македонскиот репрезентативец Стојан Илиев (26), кој игра на позиција примач. Илиев потекнува од Струмица и веќе неколку години има статус на интернационалец, а во Штип доаѓа од хрватскиот клуб Марсонија. Штипскиот клуб во новата сезона ќе дебитира на европската сцена со настапот во ЦЕВ Челинџ-купот, велат од ОФМ. Г.И.
ГРУПА Ф, ТАБЕЛА
Грција 2 2 0 6
Македонија 2 1 1 3
Грузија 2 0 2 0