Ждрепката беше влечена за време на традиционалниот семинар на шефовите на мисии, со претставници од 49 национални делегации, кој се одржа во Скопје
Mакедонските репрезентации во ракомет и во кошарка ги дознаа ривалите на Европскиот младински олимписки фестивал (ЕМОФ) во јули во Скопје, по извлечената ждрепка за време на традиционалниот семинар на шефовите на мисии, со претставници од 49 национални делегации, кој се одржа во Скопје.
Така, женската ракометна репрезентација на Македонија ќе игра со селекциите на Исланд, Норвешка и на Швајцарија во групата Б (во групата А се Холандија, Франција, Германија и Унгарија), а машката селекција ќе се сретне со Хрватска, Исланд и со Шпанија, во групата А (во групата Б се Норвешка, Унгарија, Германија и Португалија). На ЕМОФ 2023 во Марибор златните медали ги освоија Франција во женска и Германија во машка конкуренција.
Репрезентацијата на Македонија за кошаркарки е во групата А заедно со Германија, Белгија и со Финска (во групата Б ќе играат Франција, Унгарија, Шпанија и Словенија), а во машка конкуренција црвено-жолтите во групата А ќе се сретнат со Летонија, Турција и со Франција (во групата Б се Израел, Словенија, Литванија и Србија). На претходниот ЕМОФ немаше натпревари во кошарка (имаше во баскет 3х3, каде што славеа Полска, односно Германија).
Европскиот младински олимписки фестивал е првиот врвен европски мултиспортски настан наменет за млади спортисти на возраст од 14 до 18 години, а се одржува под олимписко знаме и е богат со олимписки традиции, како запален пламен и заклетва на спортистите и на официјалните лица, пишува Европскиот олимписки комитет (ЕОК). Првиот ЕМОФ е одржан во 1991 година, во Брисел, со учество на 2.084 спортисти од 33 земји, во девет спорта.
На ЕМОФ 2025 ќе настапат околу 4.000 учесници, во 15 спорта (атлетика, бадминтон, баскет 3х3, кошарка, кану-слалом, велосипедизам, планински велосипедизам, ракомет, џудо, пливање, стрелаштво, пинг-понг, таеквондо, одбојка и гимнастика), натпреварите ќе се одржуваат на 10 локации, во осум натпреварувачки дена… Н.М.