Ова беа единствен Г3-натпревар во Европа и дополнителни 6,4 поени за Рељиќ на светската и на олимписката ранкинг-листа, вели тренерот Ефтимов
ТАЕКВОНДО
Најдобрата македонска таеквондистка Милијана Рељиќ, членка на КК Тигри од Скопје, го освои петтото место на Европскиот президент-куп, викендов во Софија (Бугарија). Таа во тежинската категорија до 62 кг, каде што настапија 36 натпреварувачки, беше на чекор до освојување медал на овој престижен турнир, кој беше од рангот Г3.
– Во првото коло Милијана ја победи Хрватката Лена Динковиќ со 2-0 во рунди, во второто коло македонската олимпијка беше подобра од Турчинката Алејна Семнјурт, исто така, со 2-0 во рунди. Во борбата за медал Рељиќ минимално загуби од Хрватката Ивана Арелиќ со 1-2 во рунди. Во третата и решавачка рунда од оваа борба, на помалку од две секунди пред крајот при резултат 6-6 и предност на Рељиќ, поради освоени поени со удар во глава, судиите ѝ доделија три поени на противничката, кои електронскиот автоматски систем претходно не ги регистрира затоа што и немаше удар во глава. Бевме многу оштетени во борбата за медал. Ова беа единствен Г3-натпревар во Европа и дополнителни 6,4 поени за Милијана на светската и на олимписката ранкинг-листа. Следен настап на македонската репрезентативка е викендов на Г1-турнир во Солун – ни изјави Александар Ефтимов, тренерот на Рељиќ. Г.И.