Дарио Ивановски

На ЛОИ 2024 од Македонија ќе настапат и Ѓуретановиќ во пливање, Мојсовска во стрелаштво, Шерифовски во џудо и Егоров во борење, а Македонија на Игрите во Париз ќе има и четворица судии, и тоа Николов и Начевски во ракомет, Павловска во тенис и Михајловски во триатлон

Таеквондистката Милијана Рељиќ и атлетичарот Дарио Ивановски ќе бидат македонски знаменосци на свеченото отворање на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз, в петок, беше објавено на прес-конференцијата на Македонскиот олимписки комитет (МОК), на која беа претставени македонските спортисти што ќе настапат на Игрите во Франција. На ЛОИ 2024 од Македонија, покрај Рељиќ и Ивановски, ќе настапат и Никола Ѓуретановиќ во пливање, Анастасија Мојсовска во стрелаштво, Еди Шерифовски во џудо и Владимир Егоров во борење. ЛОИ 2024 ќе се одржуваат до 11 август.
Прв од македонските спортисти на ЛОИ во Париз треба да се натпреварува Ѓуретановиќ, в сабота, во квалификациите во дисциплината 400 метри слободно. Од недела се натпреварите на Мојсовска, во пукање од 10 метри со воздушна пушка. На 30 јули е предвиден настапот на Шерифовски во категоријата до 81 кг, на 8 август Рељиќ во категоријата до 57 кг, на 8 и на 9 август се натпреварите на Егоров во категоријата до 57 кг, а на 10 август Ивановски во маратонската трка.
Македонија на годинашните Летни олимписки игри во Франција ќе има и четворица судии, и тоа Славе Николов и Ѓорѓи Начевски во ракомет, Анета Павловска во тенис и Иван Михајловски во триатлон. Според најавите, македонската спортска делегација денеска треба да отпатува за Париз.

Милијана Рељиќ

Македонија деветти пат самостојно учествува на летни олимписки игри, а досега освои два медала (бронза на Магомед Ибрагимов во борење на ЛОИ 2000 во Сиднеј и сребро на Дејан Георгиевски во таеквондо на ЛОИ 2020 во Токио, одржани во 2021 година).
На Параолимписките игри (ПОИ) во Париз, кои на програмата се од 28 август до 8 септември, шести пат ќе настапи Оливера Наковска-Бикова. Таа ќе се натпреварува во три дисциплини во стрелаштво, и тоа воздушен пиштол од 10 метри, потоа спорт пиштол од 25 метри, како и пиштол слободен избор од 50 метри. Наковска-Бикова на Параолимписките игри во Лондон, одржани во 2012 година, освои златен медал во дисциплината пукање со воздушен пиштол од 10 метри. Н.М.


МАКЕДОНСКИ ПРЕТСТАВНИЦИ НА ЛОИ 2024

ИМЕ И ПРЕЗИМЕ СПОРТ НАСТАП

Никола Ѓуретановиќ пливање, квалификации на 400 м сл. 27 јули
Анастасија Мојсовска стрелаштво, 10 м воздушна пушка 28 и 29 јули
Еди Шерифовски џудо, до 81 кг 30 јули
Милијана Рељиќ таеквондо, до 57 кг 8 август
Владимир Егоров борење, до 57 кг 8 и 9 август
Дарио Ивановски атлетика, маратон 10 август
МАКЕДОНСКИ ПРЕТСТАВНИЦИ НА ПОИ 2024
ИМЕ И ПРЕЗИМЕ СПОРТ НАСТАП
Оливера Наковска Бикова стрелаштво, воз. пиштол, 50 м 31 август
спорт пиштол, 10 м2 септември
пиштол, 50 м, сл. избор4 септември