Минатата година на маратонот имаше 11.400 учесници од 53 земји, а годинава се очекуваат 13.440 натпреварувачи од 55 земји во сите категории, што е рекордна бројка и претставува најдобар показател дека интересирањето за трчање во Скопје постојано се зголемува, велат организаторите на оваа голема спортска манифестација
УТРЕ ЈУБИЛЕЕН 20. СКОПСКИ АТЛЕТСКИ МАРАТОН
На годинашниот јубилеен 20-ти по ред Скопски атлетски маратон, кој ќе се одржи утре, низ улиците на главниoт град на Македонија, се очекува на стартот закажан за осум часот да се појават 13.440 натпреварувачи од 55 земји во сите категории, што е рекордна бројка и претставува најдобар показател дека интересирањето за трчање во Скопје постојано се зголемува, велат организаторите на оваа голема спортска манифестација.
Сегашниот рекорд беше поставен во 2019 година, кога настапија 12.450 натпреварувачи. Покрај традиционалната маратонска трка (42,195 км), на Скопскиот маратон, како и секоја година, ќе се трча и полумаратон (21,097 км), штафетен маратон, како и трката за рекреативци на пет километри, како најмасовна трка од сите. Актуелниот рекорд на маратонската трка за мажи е во сопственост на Кипротич Кируи (2:12:36 часа), поставен во 2016 година, а кај жените е на Еунике Мучири (2:33:37), истрчан во 2019 година, и двајцата од Кенија.
– Радува што интересот е огромен, како кај нашите тркачи, така и кај странските. Во сите четири трки е зголемен бројот на учесници во однос на минатите изданија, а ќе настапат неколку елитни натпреварувачи од Кенија и се надевам дека ќе бидат соборени рекордите на патеките. Годинава имаме мала измена на патеките во однос на минатите години, додека стартот останува пред Собранието на Македонија. Тркачите на маратонот, полумаратонот и штафетниот маратон ќе трчаат по улицата Теодосиј Гологанов, а кај Хром ќе свртат полукружно, се враќаат назад во центарот на градот, каде што продолжуваат покрај Тутунскиот комбинат, на Трета македонска бригада, па ќе свртат лево, по улицата Васко Карангелевски, потоа десно по булеварот Србија. Тука вртат полукружно, па се враќаат на Тобако 2 и по булеварот Јане Сандански се повторно на Трета македонска бригада и завршуваат кај портата „Македонија“. Ова е првиот круг за полумаратонот, додека маратонците уште еднаш ќе го свртат истиот круг. Стартот на трката на пет километри е исто пред Собранието, по што ќе се трча во правец на населбата Аеродром, односно кај Тутунскиот комбинат вртат лево, по Трета македонска бригада и кај супермаркетот „Тинекс“ свртуваат полукружно и се враќаат назад на плоштадот „Македонија“, каде што е целта – вели Кире Синадиновски, спортски директор на Скопскиот маратон.
Голема помош на целосната организација се и пријавените 600 волонтери, кои традиционално ќе бидат вклучени во реализацијата на најновото издание.
– Годинава за првпат имаме приближен број на женски и машки учесници, односно околу 48 отсто се жени, а околу 52 отсто мажи. Ова е глобален проблем, но Сојузот на спортови на Скопје преку своите програми успеа да мотивира да се пријават повеќе жени и да има повеќе учесници од повеќе старосни категории. Радува што имаме и голема поддршка од медиумите, а дури 60 отсто од спортските новинари се директни учесници во маратонските и полумаратонските трки. Посакувам и годинава да видиме што поголем број новинари на стартот на трките. Ги повикувам сите оние што не се во можност да трчаат годинава, да се појават по должината на патеката и да ги бодрат натпреварувачите – вели Гордана Николовска-Кузмановска од Сојузот на спортови на Скопје.
Главен покровител на Скопскиот маратон 2024 е Министерството за спорт, а покровители се Град Скопје и делегацијата на Европската Унија (ЕУ) во Скопје.
– Изразувам огромно задоволство што годинава ќе бидеме дел од Скопскиот маратон, кој се одржува 20 години и е веќе традиционален. Како министер за спорт ќе ја дадам нашата поддршка затоа што ги негува и ги промовира истите вредности што ги застапуваме и ние како Министерство за спорт. Овој маратон иако официјално се води како рекреативен настан, има огромно спортско значење и привлекува многу учесници. Ви стоиме на располагање за сѐ што може да помогнеме – изјави министерот Борко Ристовски.
Лани на маратонот во Скопје победи Виктор Киплагат од Кенија (2:15:09 часа), втор беше неговиот сонародник Чериот Лабан (2:16:03), додека трет Македонецот Дарио Ивановски (2:19:08), кој патем постави нов македонски рекорд, кој претходно беше сопственост на Трпе Мартиновски (2:25:06). Кај жените победи Кенијката Рут Матебо (2:44:17), а од Македонките четврта низ целта мина Билјана Кираџиева (03:15:17). Во полумаратонот славеше Британецот Бен Фелтон, пред Србинот Велимир Бојовиќ, додека Македонецот Леонид Вандевски заврши трет. Кај маратонките прва беше Македонката Адријана Поп Арсова (1:21:19).
Првата маратонска трка од меѓународен карактер насловена Скопски маратон е одржана во 1997 година, следуваше и во 1998 година, а потоа следуваше пауза до 2007 година, кога на програмата беа трките полумаратон, 5.000 метри и 2.000 метри. Во 2008 година беше донесена одлука да се организира и маратонска трка. Г.И.
„Нова Македонија“ традиционално дел од големиот настан
Традиционално, редакцијата на дневниот весник „Нова Македонија“ и годинава ќе биде дел од атлетскиот Скопски маратон. Годинава ќе настапи ликовно-графичкиот уредник Гоце Цветаноски, кој ќе трча полумаратон (21,1 км).
– Утре ќе трчам по 15-ти пат на Скопскиот маратон, секогаш во дисциплината полумаратон. Овој пат пократко време се подготвував за трката поради повредите што ги имав периодов. Но, сепак, добро се чувствувам, би требало да истрчам солидно. Температурата би требало да биде оптимална на стартот на трката, така што и трчањето ќе биде полесно. Како и да е, овие трки секогаш се шанса за надминување на стресот и многу внатрешни ограничувања, без разлика на резултатот, доаѓа до олеснување, а чувството е убаво – вели Цветаноски.