Потпретседателката на ЕЏУ, Катарина Родригез, и раководителот на протоколи Тибор Џенити беа во работна посета на Скопје по повод Европското првенство за кадети, како и Европскиот младински олимписки фестивал, два настана што ќе се одржат годинава во Скопје

ЏУДО

Неодамна во посета на Македонија беа високи претставници на Европската џудо-унија (ЕЏУ), потпретседателката на ЕЏУ, Катарина Родригез, и раководителот на протоколи Тибор Џенити. Притоа беше реализиран официјален работен состанок во Министерството за спорт, со министерот Борко Ристовски, каде што беше разговарано на повеќе теми, со цел продлабочување на соработката помеѓу Министерството за спорт, ЕЏУ и Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ), како и за имплементацијата на поголем број проекти и активности. Министерот Ристовски ја сподели својата визија како сака да ги развива и да ги подигне спортските резултати во Македонија. Меѓу другото, тој нагласи дека џудото за него е еден од петте поединечни приоритетни спортови. Тој потенцира дека ги поддржува работата и заложбите на ЏФМ, на чело со претседателот Владимир Трпаноски, велат од ЏФМ.
Родригез и Џенити извршија и инспекциска посета по повод Европското првенство (ЕП) за кадети во Скопје (26-29 јуни), како и Европскиот младински олимписки фестивал (ЕМОФ) во Скопје (19-26 јули), и двата настана годинава. По тој повод беа посетени сите сместувачки и натпреварувачки објекти.
– Родригез и Џенити, заедно со претставниците на ЏФМ, одржаа работен состанок и со Македонскиот олимписки комитет (МОК), со цел дефинирање на деталите и активностите поврзани со ЕМОФ, кои претстојат за реализација на овој голем спортски настан во Македонија. На состанокот беше разговарано и за други теми поврзани со подигнување на нивото на џудо-спортот во Македонија – информираат од ЏФМ.
По повод ЕП за кадети во Скопје, Родригез и Џенити одржаа и работна средба со Организацискиот одбор (ОО) на ЏФМ, за детално да бидат запознаени со сите активности што претстојат околу организацијата на ЕП за кадети.

По завршување на дводневната посета и извршената инспекција, како и одржувањето на сите состаноци и средби, сите чинители беа со единствен заклучок дека ЏФМ е во одлична кондиција и дека во 2025 година Македонија ќе биде центарот на европското џудо.
Како што е познато, ЏФМ во август минатата година шест дена беше успешен домаќин на вториот по ред европски јуниорски џудо-куп „Скопје 2024“, кој се одржа во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје, во мошне силна конкуренција на натпреварувачи од 26 земји, од кои 163 џудисти и 106 џудистки, и со тоа уште еднаш ги покажа своите одлични организациски способности кога станува збор за натпреварувања од највисок ранг. По завршувањето на натпреварувачкиот дел, активностите продолжија со тридневниот џудо-камп, исто така во СЦ „Јане Сандански“, на кој учествува околу 80 џудисти од осум земји. Своето задоволство по завршувањето на овој спортски настан не го криеше потпретседателката на ЕЏУ, Португалката Родригез, која тогаш меѓу другото истакна дека е првпат во Македонија, дека е многу импресионирана од посветеноста и професионалната работа на ЏФМ да го претстави овој спортски настан на толку високо ниво и дека со нетрпение го чека ЕП за кадети 2025, како и заедничката работа со одличниот организациски тим. Г.И.