МАКЕДОНСКИ ПАРАОЛИМПИСКИ КОМИТЕТ

Претседателот на Европскиот параолимписки комитет (ЕПК), Холанѓанецот Рајмон Блондел, три дена беше во посета на Македонскиот параолимписки комитет (МПК)
– Неговата посета ги вклучува Македонија, Косово и Албанија, а причината е да се информира за работата на македонските комитети и предизвиците со кои се соочуваме при вклучување на младите лица со инвалидитет во параолимпизмот, начинот на финансирање на комитетот и здружените членки, организацијата и спроведувањето на активностите и спортските натпревари. Во повеќечасовниот разговор разменивме искуства и закажавме работни состаноци со министерот за спорт Борко Ристевски, со кого разговаравме за поддршката што државата може да ја пружи за помасовно и организирано вклучување на младите лица со инвалидитет во спортските активности, вклучување во тренажен процес и настап на домашни и меѓународни натпревари. Како комитет, имаме целосна поддршка од страна на министерот Ристовски, кој, меѓу другото, истакна дека во рамките на законските можности ќе ни ја пружи максималната поддршка и побара да му доставиме стратегија за развој на параолимпискиот спорт во Македонија. Потоа беше организиран работен состанок со претседателот на Македонскиот олимписки комитет (МОК), Даниел Димевски, на кој ја апострофиравме досегашната успешна соработка и заемно почитување со можност истата таа да се интензивира во следниот период – велат од Македонскиот параолимписки комитет. Г.И.