Годинава играчите се најдоа позафатени од кога било, пишува „Телеграф“
Здружението на професионални тенисери (ПТПА) ангажира „повеќе глобални правни фирми“ за да го спроведат она што нејзиниот главен извршен директор го нарекува „целосен, одозгора до дното, преглед на целата структура на тенисот“, пишува британски „Телеграф“. Централната точка на ПТПА е дека просечниот тенисер останува преоптоварен и недоволно платен според стандардите на глобалниот спорт. Извршниот директор на ПТПА, Ахмад Насар, вели дека, според нивните податоци, тенисот е втор најгледан спорт на глобално ниво по фудбалот, а, сепак, е деветти на листата за наградување на играчите. Тенисерите, исто така, се жалат дека четирите гранслем-турнири одвојуваат приближно од 14 до 16 отсто од нивниот годишен приход за парична награда, а спортовите во САД, како што е кошарката, враќаат околу 50 отсто од нивниот приход за играчите, пишува „Телеграф“.
– Во однос на реформите што му се потребни на тенисот, играчите имаат најмногу да добијат и најмногу да загубат. Никој на планетата ја нема итноста на професионален спортист. Секојпат кога ќе стапнат на теренот, нивната кариера може да заврши, а дури и да не се случи, сепак, е многу кратка – рече Насар.
ПТПА главно остана надвор од насловите во претходните пет години, концентрирајќи се на градење на својата инфраструктура, нудење услуги и придобивки за играчите и зголемување на приходите преку тргување со картички и компјутерски игри, пишува „Телеграф“. Насар вели дека правната акција на ПТПА не само што ќе се фокусира на турнеите на АТП и ВТА туку и на Меѓународната агенција за интегритет во тенис, Интернационалната тениска федерација и гранслем-турнирите. Годинава играчите се најдоа позафатени од кога било, благодарение на вклучувањето на олимпискиот тениски настан во распоредот и фактот што натпреварите траат подолго и подолго. Во меѓувреме, АТП ги продолжи мастерс-турнирите од серијата 1.000 на две недели, а ВТА го зголеми бројот на задолжителни настапи од четири на 10. Преоптовареноста е сѐ почеста појава, пишува „Телеграф“.
Насар е главен извршен директор од 2022 година, тој работеше на високо ниво во други спортови, вклучувајќи ја и НФЛ, пишува „Телеграф“. Негов ментор беше Дејвид Штерн, поранешен комесар на најголемата американска кошаркарска лига. Додека ПТПА допрва треба да биде официјално признаена од турнеите или од гранслем-турнирите, таа сѐ повеќе се вклучува во разговорите за иднината на играта, пишува „Телеграф“.
– Дејвид Штерн зборуваше за тоа како финалето на НБА не беше ни на ТВ во живо во 1970-тите. Овие работи се менуваат. Не велам дека утре ќе станеме најголемиот спорт во светот. Барам 10-годишен план, бидејќи на тенисот му треба реновирање и се чини дека никој нема одговор каде одиме понатаму – рече Насар, пренесе „Телеграф“. Н.М.