Фото: ЕПА

ФОРМУЛА 1

  • Во водство е Норис со 12 поени повеќе од Ферстапен и 16 поени повеќе од Пјастри. Ако двајца водечки возачи имаат ист број поени, тогаш за новиот првак прво ќе решава бројот на победи сезонава, а потоа бројот на втори места

Во Формула 1, првпат по 15 години, титулата ќе се решава меѓу тројца возачи на последната трка од сезоната, откако Макс Ферстапен победи во трката за големата награда на Катар, во неделата. Второто место го освои Оскар Пјастри, третото Карлос Саинс, четвртото Ландо Норис… Сега во вкупниот пласман во водство е Норис со 12 поени повеќе од Ферстапен и 16 поени повеќе од Пјастри. Во 2010 година, таквата трка за титулата меѓу тројца возачи ја доби Себастијан Фетел, пред Фернандо Алонсо и Марк Вебер, пишува „Би-би-си“.
Следната трка сезонава на програмата е в недела, во Абу Даби. Како водечки возач на табелата, ако Норис биде на првото, второто или на третото место на таа трка, тој ќе го освои светското првенство. Исто така, ако не биде на подиумот, но се пласира пред Ферстапен и пред Пјастри, тогаш тој ја освојува титулата, а секое друго сценарио за Норис да го освои шампионатот бара од него на таа трка да има барем 12 поени повеќе од Ферстапен и 16 поени повеќе од Пјастри, пишува „Би-би-си“.
Најјасниот пат на Ферстапен до титулата е тој да победи во Абу Даби, а Норис да биде до четвртото место. Ако не ја добие трката, треба да го надмине Норис за барем 13 поени, а истовремено да се осигури дека Пјастри нема да го надмине за пет или повеќе поени.
Ако Пјастри победи во Абу Даби, а Норис биде до шестото место, тогаш Пјастри ја освојува титулата, но ако Пјастри биде втор, Норис ќе треба да биде до 10-то место, а Ферстапен до четвртото за да ја освои титулата. Секое друго сценарио за Пјастри да го освои трофејот бара од него во трката в недела да има 17 поени повеќе од Норис и пет поени повеќе од Ферстапен.
Победа на една трка во Формула 1 носи 25 бода, а потоа според пласманот од второто до 10. место возачите освојуваат 18, 15, 12, 10, осум, шест, четири, два односно еден поен.
Ако двајца водечки возачи имаат ист број поени, тогаш нов светски првак ќе биде возачот со најмногу победи сезонава. Сега секој од нив има по седум. Ако тоа остане на исто ниво, тогаш ќе решава вкупниот број освоени втори места сезонава, а во таа категорија води Норис и не може да биде стигнат, пишува „Би-би-си“. Н.М.