Американката сега има вкупно 13 медали од светските првенства, од кои седум се златни, три сребрени и три бронзени

АЛПСКО СКИЈАЊЕ – СП 2023

Американската скијачка Микаела Шифрин (27) го освои златниот медал во велеслалом на Светското првенство (СП) во алпско скијање, кое се одржува во француските скијачки центри Куршевел и Мерибел. Американката, која има најмногу победи (85) во историјата Светскиот куп (СК) за жени, дури 134 пати била на подиумот, а двапати и олимписка шампионка, сега има вкупно 13 медали од светските првенства, од кои седум се златни, три сребрени и три бронзени. Таа триумфирала четири пати и во СК (2017, 2018, 2019, 2022).
Шифрин беше прва по првото возење, додека во второто имаше одредени проблеми, па во еден момент едвај успеа да остана на патеката, но на крајот, сепак, прва мина низ целта (вкупно време 2:07,13 минути), со 12 стотинки предност пред Италијанката Федерика Брињоне. По златото во комбинација, Брињоне сега се закити и со сребро во велеслалом.
Третото место на подиумот ѝ припадна на Норвежанката Рагнхилд Мовинкел, која заостана 22 стотинки зад Шифрин и 10 зад Брињоне. Швајцарката Лара Гут Бехрами заврши на четвртото место, со заостанување од 31 стотинка, додека Италијанката Марта Басино беше петта.
Македонската претставничка, младата Јана Атанасовска (16), на која посилна страна ѝ е слаломот, не успеа да ја заврши првата велеслаломска трка. Таа стартуваше како 66-та, но направи грешка, што значеше и нејзин предвремен крај на патеката.
Во женска конкуренција на ова СП останува да се вози уште слаломската трка, на која повторно најголеми шанси за златниот медал ѝ се даваат на Шифрин, која дури четири пати била светска шампионка во оваа дисциплина. Вчера на СП се возеше машкиот велеслалом. Г.И.