Втората партија заврши во 23-от потег, а белите фигури ги водеше актуелниот шампион Лирен
ШАХ – МЕЧ ЗА ТИТУЛАТА СВЕТСКИ ПРВАК
Втората партија од вкупно 14-те во мечот за светски првак помеѓу актуелниот шампион, Кинезот Динг Лирен (2.728 рејтинг-поени), и најмладиот претендент, 18-годишниот Индиец Домарају Гукеш (2.783), заврши со реми во 23-от потег со повторување на потезите. Беше видена италијанска партија (варијанта џуоко пијанисимо), во која Лирен се отвори со пешакот на е4 што многу поретко го игра отколку пешакот на д4. Двајцата играа на сигурно, избегнувајќи компликации и ризици. Резултат е 1,5-0,5 за Лирен.
– Мојата основна идеја беше да играм внимателно, бев задоволен со реми иако можеби пропуштив некои можности – рече Лирен.
Теоретска новост беше потезот на белиот, 9.a5, заземајќи повеќе простор на кралицата.
– Сакав само да одиграм добра партија. Со црни фигури не сакав да правам ништо остро уште од почетокот. Во првата партија се чувствував добро, бев свеж и самоуверен, пропуштив неколку тактики, кои може да му се случат секому во секое време. Денеска беше добар ден и се надеваме дека ќе имам уште многу добри денови – вели Гукеш.
Третата партија, пред првиот слободен ден, се играше вчера.
– Тој е со еден поен помалку, игра со бели фигури, а јас сум подготвен за борба – рече Лирен, а Гукеш изјави: „Само ќе се обидам да одиграм добра партија, оти единствено нешто што можете да направите за да победите е да играте добро“. Г.И.