Континенталното првенство в година ќе го достигне својот врв во најсовремената, импозантна и футуристичка „Арена Санта Џулија“ во Милано, која сега е во изградба и ќе биде подготвена навреме за претстојните ЗОИ 2026 во Милано и во Кортина д’Ампецо, пишува ЦЕВ
ОДБОЈКА – ЦЕВ
Европското првенство (ЕП) во одбојка в година ќе почне на единствена локација, на плоштадот во центарот на Неапол, во привремена, специјално изградена арена, информира Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ). Оваа посебна атмосфера за спортистите и за гледачите ќе го постави тонот за величествена одбојкарска забава што ќе трае речиси три недели во Италија, Бугарија, Финска и во Романија. Во август 2023 година, Италија играше со Романија во „Арена ди Верона“ во уште еден натпревар на отворено што влезе во историјата на европската одбојка, пишува ЦЕВ. Тоа беше натпревар од ЕП 2023 за одбојкарки.
Првиот натпревар на ЕП 2026 за одбојкари е закажан за 10 септември 2026 година и ќе биде апсолутната премиера на европско првенство во одбојка во Неапол, пишува Европската одбојкарска конфедерација.
Во Италија мечеви на Европското првенство в година ќе се играат и во Модена, Торино и во Милано. Континенталниот шампионат ќе го достигне својот врв во најсовремената, импозантна и футуристичка „Арена Санта Џулија“ во Милано, која сега е во изградба и ќе биде подготвена навреме за претстојните Зимски олимписки игри (ЗОИ) во Милано и во Кортина д’Ампецо во 2026 година, пишува ЦЕВ. Најдобрите репрезентации во Европа ќе настапат на навистина ексклузивна сцена, каде што ќе се играат полуфиналните мечеви и натпреварите за медали.
Во таа арена во Милано, која треба да има капацитет за 16.000 гледачи, за време на Зимските олимписки игри в година ќе се играат натпреварите во хокеј на мраз.
Репрезентацијата на Македонија четврти пат во низа ќе игра на одбојкарско европско првенство, по настапите на шампионатите во 2019 година (17. место), 2021 (23. место) и во 2023 година (16. место). Влечењето на ждрепката на групите за ЕП 2026 е предвидено за октомври, во Бари (Италија). Новиот европски шампион ќе се пласира на Летните олимписки игри (ЛОИ) во 2028 година во Лос Анџелес.
– Со своето богато искуство во организирањето големи одбојкарски настани и четири неверојатно иконски градови домаќини, Италија е идеален партнер за нас да организираме незаборавно Европско првенство во 2026 година, настан и искуство за играчите и за гледачите, што ќе го издигне нашиот спорт на невидени височини. Со нетрпение очекувам да соработувам со нашите италијански пријатели и колеги додека започнува одбројувањето до навистина величествена забава и би сакал да им се заблагодарам на сите локални и регионални власти за нивната поддршка и соработка – вели претседателот на Европската одбојкарска конфедерација, Роко Сикириќ. Н.М.