Фото: „Нова Македонија“

СП ВО ЗАБРЗАН ШАХ

По првите четири кола водат 18-годишниот Володар Мурзин од Русија и 15-годишната Алис Ли од САД
Во Њујорк беше отворено Светското првенство во забрзан и во брз шах, на кое учествуваат околу 300 најсилни играчи од целиот свет. СП 2024 беше отворено со натпреварите во забрзан шах (10 минути, плус 15 секунди по секој потег), а им припадна на најмладите во машка и во женска конкуренција. На првиот ден (од предвидените три) се одиграа пет кола (од вкупно 13) на отворениот и четири (од вкупно 11) на женскиот турнир. Петкратниот освојувач и бранител на титулата светски првак во забрзан шах, Норвежанецот Магнус Карлсен (2.838 рејтинг-поени, рангиран прв), е во „сенка“, со 2,5 поени.
Првиот ден на СП во забрзан шах му припадна на 18-годишниот Русин Володар Мурзин (2.558, рангиран на 58-то место), со 4,5 поени, вклучувајќи ја и победата на дуелот со Фабиано Каруана (2.766) од САД во второто коло. Во петтото Мурзин ремизира со искусниот Американец Левон Аронијан (2.757). На табелата пред вчерашните нови четири кола, Мурзин води со 4,5 поени заедно со Ерменецот Шант Саркисјан (2.601) и Американците Лениер Домингез (2.699) и Даниел Народицки (2.638). Најдобриот шаховски стриминг-играч и специјалист за брзо темпо, Хикару Накамура (2.755) од САД, има четири поени, придружувајќи ѝ се на големата група претенденти во која, меѓу другите, се и Холанѓанецот Аниш Гири (2.678)), Аронијан, Индиецот Арјун Еригаиси (2.694) и Узбикестанецот Нодирбек Абдусаторов (2.740), меѓу 180 учесници.
На турнирот за шахистки, 15-годишната Американка Алис Ли (2.415, 13-та) одушеви по првиот ден со четири поени. Ли вчера, во петтото коло, требаше да се соочи со светската шампионка во класичен шах, Ју Венјун од Кина (2.536, 1.), која води група од пет шахистки со по 3,5 бода. Валентина Гунина по првиот ден има три бода, заедно со поранешната женска светска првенка Швајцарката Александра Костенјук (2.486) и Украинката Ана Музичук (2.408). Леи Тингџие (2.518) од Кина има 2,5 поени, заедно со сонародничката Жу Чен (2.330), Индијката Хампи Конеру (2.431) и Украинката Марија Музичук (2.422), во конкуренција на 110 учеснички. Г.И.