ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (360)
Од историјата на борачкиот спорт (2)
Во 1961 година, шестмина македонски борачи дебитираа на Балканскиот шампионат и најавија брз пробив во елитата. Клубовите никнуваа како печурки, но некои згаснуваа уште пред да почнат со активности!
Немаше дилема оти борењето полека, но сигурно си го најде своето место во спортското живеење во Македонија. Интересирањето било големо во сите средини, дали се работело за поголеми градови или помали места, младите насекаде го прифатиле овој спорт. Така почнала организираната работа, која се одвивала под контрола на СБСМ (Сојуз на борачките спортови на Македонија), кој настојувал насекаде каде што има проблеми да се вклучи во нивното решавање. Со оглед на тоа што салите и душеците биле главен проблем за одвивање на активностите на клубовите, некои од нив во немоќ да се снајдат, згаснуваа уште пред да почнат со работа. Таков беше примерот со Бистрица, Локомотива и тетовски Шар, кој подоцна повторно се појави, но неговото постоење секогаш висеше во воздух, зашто и покрај напорите на тетовци, не можеа да се обезбедат доволно средства за клубот да може да егзистира.
БАЛКАНЕЦ ПРВА ЛАСТОВИЧКА
Сепак, во сета ова ситуација и трка за снаоѓање, повеќето од клубовите, кои никнуваа како печурки, продолжија со својата работа. Така, се појавија повеќе борачки центри, кои подоцна беа носители на слободното борење во Македонија. Ова пред сѐ се однесува на Штип, град во кој и денеска егзистира еден од најдобрите клубови, Балканец, за кој може слободно да се каже оти беше првата ластовичка што го најави доаѓањето на спортот, кој подоцна стана еден од најтрофејните, ако не и најтрофеен во Македонија. Во него израснаа многу квалитетни борачи, кои со успех настапуваа и на меѓународната сцена. На почетокот од формирањето на клубовите беше некако впечатливо оти оние места што гравитираа околу Штип беа меѓу првите заедно со Скопје, кои формираа борачки клубови. Кочани го доби Спартак, кој една сезона се натпреваруваше во Првата југословенска лига во грчко-римски стил. Струмица, пак, го доби последниот екипен шампион на поранешната држава, екипата на Извор, а во Радовиш никна подоцнежниот европски и светски првак Бучим-Јака. Клубови имаше и во Гостивар, Битола, а погоре напишав и во Скопје.
За разлика од помалите градови, во Скопје се формираа повеќе клубови. Меѓу нив, на почетокот водечки беа Скопје и Вардар, додека подоцна им се придружи и Лирија, која беше формирана во истоименото училиште од кое излегоа и големите асови Шабан Сејдиу и Шабан Трстена, кои, пак, врвните резултати ги постигнаа како членови на други клубови (Скопје, односно Вардар). Нешто подоцна по примерот на ОУ „Лирија“ беше формиран и Тефејуз. Така, Македонија доби неколку клуба во кои се негуваше слободното борење, но веднаш треба да се потенцира оти со мали исклучоци речиси сите имаа ист проблем – финансиите. Токму недостигот од средства дури и за најосновните работи, беа причина што клубовите беа на работ на згаснување, но тие сепак опстануваа.
СТРАНСКИ СТРУЧЊАЦИ ВО МАКЕДОНИЈА
Познатиот борачки тренер од Загреб, Иван Герек, кој беше селектор на репрезентацијата во грчко-римски стил, гледајќи ги пеливанските борби во Македонија, веднаш забележал оти тука кај нас има штоф за развој на слободното борење и веднаш предложил следната Балканијада во двата стила, која требаше да ја организира Борачкиот сојуз на Југославија, да се одржи во Скопје. Тогаш се разгореа страстите кај македонските борачки работници, кои во никој случај не сакаа да ја испуштат организацијата на овој голем настан. Во конкуренција на неколку града, меѓу кои беа и оние во кои борењето во грчко-римски стил имаше богата традиција, на крајот токму на инсистирањето на Герек, Скопје ја доби организацијата на Балканијадата. Тогаш, за првпат во југословенскиот состав од осум члена дури шестмина во слободен стил беа од Македонија. Тоа беше показател оти на македонското борење сериозно се размислува и Борачкиот сојуз на Југославија ќе вложува средства, а ќе помага и со стручен кадар за напредокот да биде што побрз. Во таа насока од 1961 година низ борачките клубови во Македонија продефилираа повеќе светски познати стручњаци, кои ги обучуваа нашите тренери.
Во тој период Унгарецот Михајло Матура беше повикан да ја тренира и води македонската репрезентација на Балканскиот шампионат во 1961 година во Скопје. Подоцна доаѓаа и други тренери од земјите во кои слободното борење веќе со години се негуваше. Така, во 1962 година, семинар одржа и познатиот стручњак Рајко Петров од Бугарија, земја што имаше традиција во двата борачки стила. Тој во текот на својот едномесечен престој, покрај курсевите за тренерите, ја водеше и борачката школа во Скопје.
Со оглед на големите амбиции што ги имаше раководството на Македонскиот борачки сојуз, тука не се престана со поканите на странските стручњаци. Напротив, тие секогаш беа добредојдени, па така, во 1964 година со нашите репрезентативни борачи работеше и олимпискиот шампион, Унгарецот Лајош Ковач. Тој ја подготвуваше репрезентацијата за Балканскиот шампионат. По него во нашата средина ги пречекавме и тренерите од тогашниот СССР, Александар Ѓаткин и неговиот сонародник Ајдин Ибрахимов. Првиот раководеше со школата во Сарај во 1965 година, а вториот три месеци во 1972 година ја подготвуваше нашата репрезентација за Олимписките игри (ОИ) во Минхен 1972 година. Со него, практично извесно време се заклучи списокот на странските тренери, кој повторно се отвори кога во нашата средина дојде познатиот тренер од СССР, Шахмурадов, кој остави голема трага во македонското борење. Тој во неколку наврати доаѓаше кај нас и со своите совети им беше од голема корист на тренерите и на тогашниот селектор Насе Насев.
ПЕЛИВАНИТЕ СТАНУВААТ РЕПРЕЗЕНТАТИВЦИ
Се сеќавам на една средба со еден од нашите први борачи во слободен стил и репрезентативец, Тефик Демири. Тој иако меѓу првите заплови во слободното борење, сепак пеливанството му беше приоритет. Едноставно Демири, како и впрочем неговите другари – пеливани, тешко можеа да ги напуштат борбите по ливадите, кои ја исполнуваа нивната младост. Со пеливанските борби тие станаа познати во своите средини и немаше ниту една прослава без нивното присуство.
– На домаќините им беше чест на нивните семејни прослави да бидеме присутни и ние пеливаните. Луѓето сакаа да нѐ гледаат, а секоја прослава или свадба ќе беше многу посиромашна без нас пеливаните – ми велеше некаде кон средината на 60-тите години од минатиот век, за жал, покојниот Тефик Демири, кога впрочем и јас почнав да работам како спортски новинар. Се случуваше гостите, на пример, на свадбата да му забележат на домаќинот, како може да го жени синот, а да нема пеливани да ги разонодат гостите.
Демири ми објаснуваше оти на почетокот кога Ристо Таков и Бојан Рангелов ги повикале пеливаните да се зачленат во клубовите и да станат борачи во слободен стил, најнапред и тие се колебале.
– Едноставно, некако со сомнеж гледавме кон таа работа. Јас дури имав и чести дискусии со другарите, кои веќе длабоко беа навлезени во пеливанството, дали да го прифатиме новиот предизвик и да станеме борачи или да си останеме онаму каде што припаѓавме – во пеливанството. Најмногу за ова разговарав со Рамадан Сали, но кога ние двајца, кои бевме некаков авторитет за помладите пеливани, одлучивме сепак да дојдеме во борењето и тие без размислување прифатија. Во Студеничани подоцна беше формиран и клуб – ми велеше Тефик.
Тогаш и пеливаните од струмичкиот крај, посебно од селото Сушица, зачекорија на душекот и почнаа да се занимаваат со борењето, иако не го забораваа и пеливанството, оти од него не можеа толку лесно да се откажат. Се сеќавам колку беше расположен и среќен првиот селектор на борачката репрезентација, Ристо Таков, кога ги собра поранешните пеливани, кои прекуноќ станаа репрезентативци на Југославија.
– Тогаш, во репрезентативниот состав беа навистина најдобрите и најсилните. Тука беа Сали, Демири, Тефиков и Јусуфов, со кои практично почна афирмацијата и на поранешна Југославија, не само во грчко-римски стил, кој од поодамна го имаше заземено високото место во светското борење, туку и во слободниот стил. На почетокот сѐ ни изгледаше чудно, но подоцна кога со резултатите го потврдивме нашиот квалитет веќе сите нѐ гледаа со подруги очи. Зашто не беше лесно на едно eвропско првенство, веднаш уште на самиот почеток да забележиш високи пласмани. А тоа на Тефиков и Јусуфов им успеа, дури и на големо изненадување и на луѓето од СОФК-а на Југославија, тие се пласираа на четвртото и петтото место на ЕП – вели од оваа временска дистанца Таков.
Така, за еден кус период многумина од пеливаните се преквалификуваа во борачи во слободен стил и станаа неприкосновени на просторите на поранешната држава. За тоа како се развиваше и кои беа највредните резултати во борачкиот спорт, ќе читате во следните неколку понеделници. Тука ќе ги користам и текстовите од мојата прва книга „Спортски стории“ издадена од „Арс ламина“ во 2019 година.