ШАХ
На 26 и 27 март првпат ќе се одржат турнири по Бергеров систем (секој со секого) за деца до 10 и до 12 години по правилата на Светската шаховска федерација (ФИДЕ) за стандарден шах и учесниците ќе се бодуваат. Учествуваат по 10 повикани деца до 10 и до 12 години и ќе играат заедно и момчиња и девојчиња. Главен судија на турнирот, кој се игра во просторите на болницата „8. Септември“ во Скопје, е интернационалниот мајстор (ИМ), ФИДЕ-тренер и национален судија Орце Данчевски, а негов помошник е ИМ Никола Николовски. Секој ден ќе се играат по две партии (од 9.30 и од 17.30 часот).
– Првпат во Македонија се организира бергер-турнир за деца до 10 и до 12 години. Идејата е децата да сфатат дека шахот е сериозна игра полна со уживање додека се практикува. Детскиот ум не е оптоварен со правила и догми на однесување и токму затоа сѐ повеќе велемајстори се појавуваа до 15-годишна возраст. Овие турнири треба да претставуваат мотивација и филтри кон идните македонски велемајстори. Имаме сериозен спонзор, со техничка поддршка на ШК Гамбит Асеко, преку кој од најмала возраст ќе создаваме шаховски „витези“ во Македонија – ни изјави Данчевски. Г.И.