ШАХ
Само неколку дена по прославата на својот деветти роденден, мајсторскиот кандидат (МК) Лука Протопопеску од Франција влезе во шаховската историја. Чудото од Марсеј стана најмладиот шахист што ја урнал границата од 2.200 рејтинг-поени (ФИДЕ) во класичен шах. Поминаа десет месеци откако MK Итан Панг од Англија го урна рекордот на аргентинскиот интернационален мајстор (ИМ) Фаустино Оро за седум дена и стана најмладиот играч што постигнал класичен рејтинг поголем од 2.200 поени. Но сега деветгодишникот од Марсеј го урна рекордот по третпат за помалку од една година, пишува сајтот „Чес“.
Протопопеску, кој наполни девет години неколку дена пред објавувањето на априлската листа, сега е на врвот на листата пред Панг и Оро. Тој ја постигна пресвртницата на девет години и пет дена, 98 дена порано од Панг и 105 дена порано од Оро. Достигнувањето рејтинг од 2.200 поени, што се смета за мајсторско ниво во шахот, е големо достигнување за секој играч. За деветгодишно дете, тоа е речиси нечуено. Лука сега е рангиран на првото место од 2.443 играчи под 10 години во светот, на 328-то меѓу 15.704 активни играчи во Франција и е 7.185-ти меѓу 197.300 играчи во светот, според ФИДЕ.
Неговиот неодамнешен скок може да им се припише на двата фантастични настапа на турнирите дома во Франција, каде што собра неверојатни 321 рејтинг-поен за да се искачи од 1.895 на 2.216 рејтинг-поени за само два месеца. Пред два месеца тој сензационално освои 7,5 поени од девет можни, за да ја освои Б-групата на меѓународниот турнир во Кан со рејтинг од 2.276. Вреди да се напомене дека Лука беше само 54. носител меѓу 181 играч, а сигурно и меѓу најмладите. Пред да освои 161 рејтинг-поени во Кан, Лука освои и уште еден турнир во францускиот град Иер со 5,5/6 поени, со рејтинг од 2.336. Во интервју за локалниот весник „Ле Прованс“, неговата мајка Андреа рече дека нејзиниот син ги научил правилата на четиригодишна возраст, за време на пандемијата на коронавирусот.
– Тој го гледал својот татко како игра, но не барал нужно да игра. Потоа почна да игра и многу брзо ме победи. На крајот баравме клуб за да видиме колку е силен – рече таа, пишува „Чес“.
Во 2023 година Протопопеску стана шампион до осум години, а потоа освои сребро со 7,5 поени од девет кола на ЕП до осум години, пропуштајќи го златото поради полош тајбрејк. Г.И.