Претседателот на ЏФМ, Трпаноски, му врачува плакета на Здравески

Претседателот на ЏФМ, Трпаноски, му врачи плакета на Здравески за неговото посветено работење и по повод издавањето на оваа книга

Во просториите на Градската библиотека во Прилеп се одржа промоција на монографијата „Мојот пат во џудото“ чиј автор е Киро Здравески, активен џудо-ветеран и селектор на репрезентација на ветерани на Македонија. На овој настан присуствуваа претставници од Општина Прилеп на чело со градоначалникот Борче Јовчевски, претставници од Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ), предводени од претседателот Владимир Трпаноски, претставници на повеќе џудо-клубови од Македонија, а специјален гостин на промоцијата беше високиот претставник на Европската џудо-унија (ЕЏУ), д-р Славиша Брадиќ, кој од неодамна и актуелен советник на претседателот на ЕЏУ, д-р Ласло Тот.
– Трпаноски му додели плакета на Здравески за неговото посветено работење и по повод издавањето на оваа книга т.е. авторско достигнување што е од големо значење за џудо-спортот во нашата држава. Исто така, Здравески доби и плакета од матичниот клуб Сеишин – ни изјави спортскиот директор на ЏФМ и тренер на ЏК Сеишин, Дејан Мицкоски.
На оваа промоција одржана во прекрасна атмосфера присуствуваа многу граѓани со спортски дух, активни џудисти од помладите возрасни групи, како и џудо-ветерани. ЏФМ му честита на Киро Здравески за ова авторско достигнување, информираат од ЏФМ. Г.И.