ТАЕКВОНДО

  • Нашата мисија продолжува, да создаваме шампиони, да градиме карактери и да ја претставуваме Македонија на најдостоинствен можен начин, велат од Македонската таеквондо-федерација

Со особена чест можеме да констатираме дека македонското таеквондо, покрај тоа што е најуспешен спорт во државата, претставува и прв индивидуален спорт што воспоставува вистински систем што гарантира континуитет, развој и постигнување врвни спортски резултати. Овој систем значи силни клубови, образувани тренери, мотивирани спортисти, фер и професионални судии и организирани натпреварувачки структури што создаваат шампиони, велат од Македонската таеквондо-федерација (МТФ), при изборот на најдобрите во лига-системот за 2025 година, во Скопје, во присуство на нејзиниот претседател Борче Костовски.
Прв во лига-системот е ТК Бутел, втор е Корио, а трет Феникс кик. За постигнување најголем спортски успех во олимписко таеквондо во 2025 година е награден Филип Блажевски. Најдобар тренер е Викторија Спасовска, а судија Ирена Гроздановска. Најдоброорганизиран турнир е турнирот на ТК Корио. За особен придонес во лига-системот за годинава признанија добија Андреј Василевски, Ведрана Тунеска, Христијан Симоновски, Ненад Целески, Душица Бреслиева и Мартина Наумовска.
– Во моментов се работи и на документарен филм во продукција на МТВ, кој ќе го овековечи историскиот олимписки триумф на Дејан Георгиевски, ќе го раскаже патот до успехот и ќе остане запис за идните генерации. Убедени сме дека оваа манифестација ќе прерасне во силна традиција, која ќе продолжи да ги мотивира нашите спортисти, тренери, клубови и сите што се дел од нашето таеквондо-семејство. Нашата мисија продолжува, да создаваме шампиони, да градиме карактери и да ја претставуваме Македонија на најдостоинствен можен начин – информираат од МТФ. Г.И.