КАРАТЕ – МЕДИТЕРАНСКО ПРВЕНСТВО ЗА КАДЕТИ, ЈУНИОРИ И СЕНИОРИ
Македонската карате-репрезентација е дел од 30. Медитеранско првенство за кадети, јуниори и сениори, кое до недела се одржува во Олбија, Италија. Предводени заедно од селекторите Александар Кузмановски и Петар Белистојаноски, боите на Македонија ги бранат вкупно 12 каратисти (борби и кати), додека на првенството се пријавени 409 натпреварувачи од 18 држави.
– Овде сме за да го продолжиме континуитетот на настапи во низа на медитеранските првенства. Ќе напоменам дека не сме во полн состав, со нас не се најискусните во екипниот дел, кај женските Вероника Костовска, а кај машките Петар Заборски.
Секако дека ќе го дадеме максимумот и покрај тоа што на овие медитерански првенства до крајот не се знае конкуренцијата, оти се отворени првенства и националните селекции до последен момент пријавуваат по еден-двајца, па дури и по четворица натпреварувачи од иста држава – вели селекторот Кузмановски.
Македонија, состав (борби): Вахик Весели (до 60 кг), Матеј Белистојаноски (до 67 кг), Давид Петков (до 67 кг), Мурсел Мисини (до 75 кг), Стефан Стојановиќ (над 84 кг), Михаела Мишовска (до 50 кг), Симона Заборска (до 55 кг), Тамара Ѓурчиноска (до 61 кг), Вероника Костовска (до 61 кг), Ангела Мојсовска (до 68 кг). Mашки екипно борби, женски екипно борби. Ката на плажа: Јована Манчевска (над 16 год.), Данка Стојкова (над 16 год.). Ката: Јована Манчевска, Данка Стојкова. Г.И.