Манифестацијата „Спортист на годината 2024“ ја организираа Министерството за спорт и Сојузот на спортски федерации на Македонија, изборот на најдобрите е направен според гласовите од националните спортски федерации и од спортските новинари, а најуспешните екипи во училиштен и во универзитетски спорт се избрани по одлука на Федерацијата за училиштен спорт на Македонија и Универзитетската спортска федерација на Македонија

ИЗБОР НА СПОРТИСТ НА МАКЕДОНИЈА ЗА 2024 ГОДИНА

Министерството за спорт и Сојузот на спортски федерации на Македонија, на свечена церемонија во Националната опера и балет во Скопје, ги прогласија најдобрите во македонскиот спорт за 2024 година. На традиционалната манифестација „Спортист на годината“, која годинава одбележува 70-годишен јубилеј, признанието спортист на годината за 2024 година му припадна на кикбоксерот Бобан Илиоски, кој го освои златниот медал (категоријата до 86 кг) на Европското првенство (ЕП) во Атина, а најдобра спортистка е таеквондистката Милијана Рељиќ, четвртфиналистка на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз.
– Чест и задоволство ми е што сум повторно избран за најдобар спортист на Македонија. Сакам да им се заблагодарам на сите што несебично ме поддржуваат. Ветувам дека Македонија и кикбоксот достојно ќе ги претставувам на најголемите спортски сцени – рече Илиоски, кој и лани го доби ова високо спортско признание во сениорска конкуренција.
Манифестацијата „Спортист на годината 2024“ ја организираа Министерството за спорт и Сојузот на спортски федерации на Македонија (ССФМ), изборот на најдобрите за 2024 година е направен според гласовите од националните спортски федерации и од спортските новинари, а најуспешните екипи во училиштен и во универзитетски спорт се избрани по одлука на Федерацијата за училиштен спорт на Македонија и Универзитетската спортска федерација на Македонија.
– За еден спортист нема подобар начин да се заврши годината. Благодарна сум за номинацијата, а наградата не ми припаѓа само мене туку и на моето семејство, тренерот Александар Ефтимов. Иако на ЛОИ не стигнавме до медал, покажавме дека можеме да се носиме со најдобрите. На следните ЛОИ одиме на медал и ништо помалку – изјави, меѓу другото, Рељиќ.
Наградите на најуспешните македонски спортисти за годинава им ги врачија претседателот на Владата на Република Македонија, Христијан Мицкоски, и министерот за спорт Борко Ристовски.
– Денеска им оддаваме признание на најдобрите, спортистите што со својата посветеност, дисциплина и талент ги поставија највисоките стандарди. Секако, не смееме да ги заборавиме тренерите, клубовите, федерациите и сите спортски работници што со години стојат зад нивните успеси. Денешниот настан е доказ дека спортот ги руши сите бариери, политички, етнички и социјални, и ја обединува нацијата. Во годинава што изминува Македонија по две децении конечно доби Министерство за спорт. Оваа институција треба да го издигне и да го врати македонскиот спорт на местото што го заслужува. Спортот бара жртви, но носи и многу радосни моменти, како овој денеска. Бидете упорни и истрајни на тој пат. Победувајте за себе и за Македонија – порача Ристовски.
Претседателот на Владата Христијан Мицкоски ги поздрави спортистите и спортските работници и им се заблагодари што достојно ја претставуваат Македонија во светот. Мицкоски изрази задоволство од она што е направено досега по конституирањето на новото Министерство за спорт и истакна дека спортот ќе биде еден од главните приоритети на Владата.
– Ќе дадеме сѐ од себе, заедно со вас, спортистите и спортските работници, во иднина да ги направиме Македонија и македонските граѓани повторно горди на вашите постигнувања. Првпат по осамостојувањето формиравме Министерство за спорт, институција што ќе се грижи исклучиво за спортот и за спортистите. Со министерот Борко Ристовски секојдневно сме во комуникација и секојдневно разговараме што треба повеќе да се направи за вас спортистите, да имате можности да тренирате, тука дома, да може да се надградувате и да можете што подостоинствено да ја претставувате Македонија. По првите месеци од конституирањето на оваа институција, можам да кажам дека сум задоволен од сето она што досега го направивме. Но, исто така, ветувам дека заедно со вас во периодот што следува ќе направиме уште повеќе – рече Мицкоски. Г.И.


Најуспешни по категории:

  • Спортист на годината: Бобан Илиоски (кикбокс)
  • Спортистка на годината: Милијана Рељиќ (таеквондо)
  • Млад спортист: Силвио Мировски (кикбокс)
  • Млада спортистка: Ива Младеновска (ракомет)
  • Женски национален тим: Ракометна репрезентација на Македонија, сениорки
  • Машки национален тим: Ракометна репрезентација на Македонија, сениори
  • Тренер/селектор: Кирил Лазаров (ракомет)
  • Национална спортска федерација: Македонска таеквондо федерација
  • Спортист со инвалидитет: Оливера Наковска-Бикова (стрелаштво)
  • Спортска екипа од универзитетите: Машкиот кошаркарски тим на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, Скопје
  • Училишен спортски клуб од средните училишта: СОУ „Јане Сандански“, Струмица
  • Училиштен спортски клуб од основните училишта: ООУ „Ѓорѓија Пулевски“, Скопје
  • Европскиот вицешампион од ЕП во таеквондо за кадети, Теодор Стојановски доби плакета како откритие на годината млад спортист
  • На годинашното јубилејно 70-то издание на изборот „Спортист на годината 2024“ беа доделени и две специјални признанија за истакнати резултати и посебен придонес во промоцијата на македонскиот спорт. Истакнатите македонски ракометни судии Ѓорѓи Начевски и Славе Николов добија плакета како достојни претставници на Македонија на меѓународна сцена, на ЛОИ, европски и светски првенства и клупските ракометни натпреварувања од највисок ранг