На турнирот прворангиран е македонскиот велемајстор и член на Алкалоид, Кирил Георгиев (2.589 рејтинг-поени во забрзан шах), додека најдобро рангирана шахистка е ЖИМ од Србија, Маја Величковиќ-Нејковиќ (2.033, 47.)
УТРЕ ТУРНИР ВО ЗАБРЗАН ШАХ „АЛКАЛОИД 2024“
На традиционалниот меѓународен турнир во забрзан шах „Алкалоид 2024“, кој треба да се одржи утре (од 10 часот), во хотелот „Континентал“ во Скопје, во 11 кола (швајцарски систем), до вчера претпладне беа пријавени вкупно 248 учесници (пет ВМ, 10 ИМ, два ЖИМ, 11 ФМ, еден ЖФМ) од Македонија (193), Србија (33), Грција (11), Бугарија (6), Косово (3), Шпанија (1) и од Германија (1), од кои 19 се шахистки. Се очекува нивниот број до почетокот на турнирот да биде и уште поголем.
На турнирот прворангиран е македонскиот велемајстор (ВМ) и член на Алкалоид, Кирил Георгиев (2.589 рејтинг-поени во забрзан шах), додека најдобро рангирана шахистка е ЖИМ од Србија, Маја Величковиќ-Нејковиќ (2.033, рангирана 47.), а Македонка, ЖИМ Габриела Коскоска (2.023, 52-та). Партиите се со темпо од 10 минути плус пет секунди за секој одигран потег по играч, почнувајќи од првиот. Вкупниот награден фонд изнесува 150.000 денари, поделен на 10 дела, од кои победникот ќе добие 26.000 денари и пехар. Предвидени се и 10 дополнителни награди во вкупен износ од 30.000 денари, како и пригодни подароци за најдобрите јуниори до осум, 10, 12, 14, 16 и 18 години. Бројот на пријавени шахисти е лимитиран и организаторот на турнирот има право, поради капацитетот на салата во која ќе се игра, да одбие одредени пријави за настап. Главен судија на турнирот е Иван Кочовски, а негов помошник Сашко Лакински.
ШК Алкалоид од 2012 до 2019 година во континуитет (освен во 2016-та, кога имаше само турнир во брз шах) одржа вкупно седум турнири во забрзан шах, а ова ќе биде деветти, како и четири турнири во брз шах (2013, 2014, 2015 и 2016), или вкупно 13 од ваков тип. На ланскиот турнир во забрзан шах, првото место го освои ВМ од Србија, Синиша Дражиќ, а настапија 227 учесници од седум држави (од кои 18 шахистки), што претставуваше и тогашен рекорд. Во 2020 година поради ковид-19, турнирот не се одржа иако беше закажан. Алкалоид е најтрофеен македонски шаховски клуб и сениорски клупски европски првак од 2016 година во Нови Сад, Србија. Г.И.