Фото: ЕПА

ПО ОСВОЕНАТА ТИТУЛА И НА ЗОИ 2026

  • Тој е актуелен олимписки првак, светски шампион во скијачки скокови и во скијачки летови и победник на „Четирите скокалници“, а и светски рекордер. Mу недостига трофејот во Светскиот куп (сезонава води)

Домен Превц првпат стана поединечен олимписки шампион откако победи на големата скокалница во Предацо во скијачки скокови, на Зимските олимписки игри (ЗОИ) во Милано и во Кортина д’Ампецо. Сребрениот медал го освои Рен Никаидо од Јапонија, кој на ЗОИ 2026 освои медал во секое натпреварување (претходно и бронзи на малата скокалница и во мешан тимски натпревар). Трет е Кацпер Томасиак од Полска, кој освои и сребро на малата скокалница. Сите тројца се дебитанти на зимски олимписки игри. Превц на ЗОИ 2026 освои златен медал и во мешаниот тимски натпревар.
– Се чувствувам како да сум во кино и го гледам човекот како си ја работи својата работа. Но сега сите овие чувства се спојуваат, тоа е неверојатно. Пред вториот скок само сакав да уживам. Мислам дека е еден од најзначајните скокови во мојата кариера. Си реков дека уживањето што го имам е причината зошто почнав со скијачки скокови како дете и ако уживаш во тоа и продолжиш да се обидуваш, на крајот можеш да освоиш медали – вели Превц, пренесе Интернационалната скијачка федерација (ФИС).
Превц е на пат да стане првиот скијач скокач што ќе биде актуелен победник на најголемите натпревари во тој спорт. Во моментов, покрај тоа што е олимписки првак, тој е актуелен светски шампион во скијачки скокови (победи на Мундијалот лани во Трондхајм) и во скијачки летови (славеше годинава на Светското првенство во Оберсдорф), победник е на престижната новогодишна турнеја „Четири скокалници“ (годинава), а, згора, тој од лани е и светски рекордер, со скок од 254,5 метри. На оваа трофејна листа, за т.н. гранслем на скијачките скокови, му недостига уште големиот кристален глобус за победник во генералниот пласман во Светскиот куп (СК), во кој сезонава води со 625 бода предност пред најблиските ривали.
Според информациите, досега само Финецот Мати Никенен ги освоил сите овие пет титули, но не бил актуелен победник во исто време. Никенен освои три поединечни олимписки титули, во 1984 и во 1988 година, злато во скијачки скокови на Светското првенство (СП) во 1982 година и во скијачки летови на СП 1985, четири титули во Светскиот куп, во 1983, 1985, 1986 и во 1988 година и две победи на Четирите скокалници, во 1983 и во 1988 година. Никенен беше светски рекордер во 1984 и во 1985 година, со скокови од 182 (двапати), 185, 187 и 191 метар. Н.М.