Медалите имаат уникатен дизајн, кој комбинира две половини што ја симболизираат кулминацијата на патувањето на спортистот и сите оние што оделе покрај него по патот, пишува ИОК
Организаторите на Зимските олимписки и Параолимписки игри в година во Милано и во Кортина (Италија) ги открија медалите за време на настан во Венеција. Развиени од дизајнерскиот тим на Игрите, медалите ги отелотворуваат „решителноста и страста на најголемите светски спортисти, но и олимпискиот и параолимпискиот дух“, рече Рафаела Пание, директорка за бренд, идентитет и изглед на Игрите, пишува Интернационалниот олимписки комитет (ИОК).
– Замисливме медал што претставува чистота и враќање кон суштината. Со нашите медали, ја славиме силата што се наоѓа во различноста: две уникатни половини што се спојуваат преку олимписките и параолимписките симболи за да достават смела и обединета порака. Овој концепт се рефлектира и на површините на медалите, каде што се среќаваат две текстури и почнува приказна напишана не само од спортистите туку и од оние што ги поддржувале: тренери, соиграчи, семејството и навивачи – рече Пание.
Медалите, кои ги спојуваат елеганцијата, визуелниот ефект и одржливоста, ќе бидат изработени од Италијанската државна ковачница и полиграфски институт, користејќи рециклиран метал добиен од сопствениот производствен отпад, а ќе бидат леани во индукциски печки, кои се напојуваат целосно со обновлива енергија, со еколошко пакување направено со сертифицирани материјали и минимална употреба на пластика, пишува ИОК.
– Медалите што ги создадовме ги претставуваат мајсторството и извонредноста на италијанскиот дизајн. Секој од нив е уникатно парче, резултат на изработка и иновација. Медалите го ставаат спортистот во центарот на приказната, изразувајќи ги универзалноста на спортот, борбата и емоцијата на победата – рече Паоло Пероне, претседател на Италијанската државна ковачница и полиграфски институт.
Дизајнот ги става емоциите и тимската работа во својата суштина, симболизирајќи не само обединување на два града, Милано и Кортина, туку и душата на победата и напорот што е потребен за да се постигне тоа. Медалите имаат две половини споени од олимписките и параолимписките вредности, одразувајќи ја кулминацијата на патувањето на спортистот и сите оние што стоеле покрај нив по патот, пишува ИОК.
– Олимпискиот медал никогаш не е само парче метал. За мене, тој важи секое „рано утро“ кога откажувањето изгледаше полесно отколку да се движиме напред…, но избравме да продолжиме. Тоа е доказ дека соништата можат да преживеат време, сомнеж, па дури и страв – рече италијанската гимнастичарка и двократна освојувачка на бронзен олимписки медал Алесија Маурели.
Францускиот биатлонец Мартин Форкаде, кој освои седум олимписки медали (2010, 2014 и 2018 г.), рече дека се сеќава на дизајнот на секој медал.
– Важно е, тоа е нешто што мора да го цениме како спортисти. Мора да ни се допаднат, не само како симбол туку и визуелно. Ги обожавав сите три што ги освоив, во различен период од мојата кариера – рече тој.
Зимските олимписки игри ќе се одржат в година од 6 до 22 февруари, а Параолимписките зимски игри од 6 до 16 март. Медалите ќе бидат доделени во 195 настани, по 245 златни, сребрени и бронзени медали за време на Зимските олимписки игри, а по 137 златни, сребрени и бронзени медали за време на Параолимписките зимски игри.
„Мојот дедо одигра неверојатно важна улога. Тој ми е тренер од 15 години и уште е до ден-денес, сега на 82 години“, рече Јоханес Хесфлот Клебо, петкратен олимписки шампион на Норвешка во крос-кантри скијање. „Мајка ми беше со мене во секој чекор, како и во сите убедливи моменти, падови, долги возења, рано наутро. Татко ми секогаш тивко ме поддржуваше зад сцената, осигурувајќи се дека имаме што ни треба, за да можам да продолжам да тренирам. И двајцата дадоа толку многу за да можам да го остварам овој сон, а без нив не би успеала“, вели американската уметничка лизгачка Карен Чен, освојувачка на златен медал во Пекинг во 2022 година, пренесе ИОК. Н.М.