Фото: ЕПА

Обучена на милиони шаховски партии, невронската мрежа идчес ги идентификува и ги обележува најдобрите потези и комбинации

ИДЧЕС-ТЕХНОЛОГИЈАТА ВО ШАХОТ

На екипното Светско првенство (СП) за училишта во 2025 година, кое се одржа неодамна во средното училиште „Епископал“, само 11 км од центарот на Вашингтон (САД), се собраа над 50 тима од шест континенти. За првпат во историјата на ова натпреварувањето беше претставена иновативна технологија на идчес (idChess) за емитување игри во реално време за љубителите на шахот низ целиот свет.
Идчес овозможува емитување игри во живо на која било шаховска табла користејќи само паметен телефон. Телефоните се монтирани на стативи покрај таблите, а игрите автоматски се конвертираат во ПГН-формат преку компјутерски вид и технологии за вештачка интелигенција. Платформата исто така поддржува ВАР-видеоасистент за шах, помагајќи им на арбитрите да донесат информирани одлуки во контроверзни ситуации. Во јули 2023, Светската шаховска федерација (ФИДЕ) го објави усвојувањето на идчес-ВАР на меѓународни турнири, означувајќи нов пристап кон судењето и обезбедувањето фер игра, а наедно им обезбедува на играчите, тренерите и на навивачите побогата содржина и подлабок увид во партиите.

Друга значајна карактеристика е автоматското креирање најважни видеомоменти. Обучена на милиони шаховски партии, невронската мрежа идчес ги идентификува и ги обележува најдобрите потези и комбинации. Платформата потоа генерира кратки видеоклипови, кои организаторите на турнирот можат да ги објават на својата страница на медиумската платформа идчес.
– СП на училишни тимови не е само прослава на млади шаховски таленти туку и платформа за иновации. Со интегрирање на идчес на годинашниот настан, поставуваме нов стандард во начинот на кој се водат и се доживуваат младинските натпревари низ целиот свет. Тоа ја одразува нашата посветеност да го направиме шахот подостапен и поангажирачки, особено за следната генерација – рече претседателот на ФИДЕ, Аркадиј Дворкович, пренесе ФИДЕ.
Технологијата идчес сега се користи на турнири во повеќе од 150 земји, вклучувајќи национални првенства, меѓународни отворени турнири, училишни натпревари и редовни состаноци на шаховските клубови. Г.И.