ОДБОЈКА
Светската одбојкарска федерација (ФИВБ) ги објави сите учесници на светските првенства (СП) во 2025 година, за мажи и за жени, откако завршија квалификациите. Предвидено е првпат да има по 32 репрезентации на секое СП (претходно се натпреваруваа по 24), а од в година мундијалите ќе се одржуваат на секои две години. Во 2025 година, 43 земји ќе бидат претставени на СП, по шест од Африка и од Северна Америка, осум од Азија, 19 од Европа и четири од Јужна Америка, пишува Светската одбојкарска федерација.
На СП за мажи директен пласман обезбедија домаќинот Филипини и светскиот првак Италија. Како дел од новиот квалификациски систем беа доделени 15 места по континенталните шампионати лани, при што Египет, Алжир и Либија се пласираа од Африка, Јапонија, Иран и Катар од Азија, Полска, Словенија и Франција од Европа, САД, Канада и Куба од Северна Америка и Аргентина, Бразил и Колумбија од Јужна Америка. Другите 15 места им беа доделени на најдобрите репрезентации на светската ранг-листа заклучно со 30 август годинава, кои уште не беа пласирани на СП 2025, а тоа се Германија, Србија, Холандија, Украина, Белгија, Турција, Чешка, Бугарија, Португалија, Финска, Тунис, Кина, Романија, Чиле и Кореја.
Системот за одредување на 32-те женски селекции за СП 2025 во Тајланд беше ист, а домаќинот и бранителот на титулата Србија ги обезбедија своите места автоматски. Од континенталните првенства се пласираа Кенија, Египет, Камерун (Африка), Кина, Јапонија, Виетнам (Азија), Турција, Холандија, Италија (Европа), Доминиканската Република, САД, Канада (С. Америка), Бразил, Аргентина и Колумбија (Ј. Америка), а преку ранг-листата на ФИВБ и Полска, Германија, Белгија, Чешка, Порторико, Украина, Франција, Бугарија, Куба, Шведска, Мексико, Словенија, Словачка, Шпанија и Грција. Н.М.