ФУДБАЛ – ЖДРЕПКА ЗА СП 2026
- Првиот меч на СП 2026 е Мексико – Јужна Африка, на 11 јуни, светскиот првак Аргентина е во групата Ј, а македонската репрезентација би играла во групата А ако победи во плејоф-патеката Д во март за пласман на Мундијалот во САД, Мексико и во Канада
Светското фудбалско првенство (СП) в година ќе биде отворено со мечот Мексико – Јужна Африка, на 11 јуни, од 21 часот, во групата А, планетарниот шампион Аргентина одбраната на титулата ќе ја почне со дуелот со Алжир во групата Ј, на 17 јуни, од 3 часот, а македонската репрезентација би играла во групата А ако победи во плејоф-патеката Д во март за пласман на Мундијалот во САД, Мексико и во Канада, реши ждрепката влечена во Вашингтон (САД). Македонија прво би се сретнала со Јужна Кореја, на 12 јуни, од 4 часот, во Гвадалахара (Мексико), вториот дуел би бил со Јужна Африка, на 18 јуни, од 18 часот, во Атланта (САД), а третиот со Мексико, на 25 јуни, од 3 часот, во Мексико Сити, на славниот стадион „Ацтека“. Македонија во март ќе игра на гости со Данска, победникот на тој дуел ќе се сретне, исто така на гости, со победникот на средбата Чешка – Република Ирска, а вкупниот победник на оваа плејоф-патека Д ќе игра на СП 2026.
Првопласираната репрезентација од групата А во првата нокаут-рунда ќе игра со третопласирана селекција од групите Ц, Е, Ф, Х или И, во Мексико Сити, на 1 јули, а репрезентацијата што ќе го освои второто место во групата А ќе игра со второпласираната селекција од групата Б, во Лос Анџелес, на 29 јуни.
Ждрепката беше полудиригирана, па првопласираните две селекции на ранг-листата на Светската фудбалска федерација, Шпанија и Аргентина, а потоа и третата и четвртата репрезентација од таа листа, Франција и Англија, беа раздвоени и нема да можат да се сретнат меѓу себе пред финалето ако ги освојат првите места во своите групи. Финалето на СП 2026 е предвидено за 19 јули, од 21 часот, во Њу Џерси (САД). СП 2026 ќе биде прв планетарен фудбалски шампионат на кој ќе настапат 48 репрезентации, а Мексико е првата земја во која трипати се играат мечеви на фудбалско СП, откако беше домаќин на мундијалите во 1970 и 1986 година. Н.М.

































