Песокот што беше на одбојкарското игралиште за време на ЛОИ нема да биде отстранет, туку покриен, за да им биде од корист на играчите
ПОИ 2024 – ЗА ЛИЦАТА СО ОШТЕТЕН ВИД
Пред Ајфеловата кула во Париз во тек се последните подготовки за фудбалското игралиште за лицата со оштетен вид, за турнирот што ќе се одржи за време на Параолимписките игри (ПОИ) во Париз (28 август-8 септември). Теренот, кој за време на Летните олимписки игри (ЛОИ) беше адаптиран за одбојка на плажа, сега е приспособен за фудбал за лица со оштетен вид, а натпреварите ќе се одржат од 30 август до 7 септември.
– Фудбалот за лица со оштетен вид е спорт во кој акустиката е многу значајна, оти играчите многу се потпираат на звукот на топката, а исто така и од водичите, кои се надвор од теренот – изјави еден од организаторите на турнирот.
Фудбалот за лицата со оштетен вид ќе се игра на терен долг 40 метри и широк 20 метри. Според правилата, две екипи од по пет играчи се натпреваруваат во две полувремиња од по 20 минути. Песокот што беше на одбојкарското игралиште нема да биде отстранет, туку покриен, за да им биде од корист на играчите.
Како што е познато, на ПОИ 2024 во Париз, боите на Македонија ќе ги брани само стрелачката Оливера Наковска-Бикова, која на ПОИ Лондон во 2012 година освои златен медал со воздушен пиштол од 10 метри. Таа ќе се натпреварува на 31 август со воздушен пиштол од 10 метри, на 2 септември со спорт пиштол од 25 метри и на 4 септември со пиштол слободен избор од 50 метри. Г.И.