АТЛЕТИКА
- Оваа свеченост не беше само прогласување на најдобрите туку и потврда дека македонската атлетика има силна сегашност и уште посилна иднина, велат од АФМ
Со достоинство, гордост и почит кон трудот и посветеноста, Атлетската федерација на Македонија (АФМ) ги прогласи најдобрите атлетичари и атлетичарки за 2025 година, која ќе остане запаметена како историска за македонската атлетика. Оваа свеченост не беше само прогласување на најдобрите туку и потврда дека македонската атлетика има силна сегашност и уште посилна иднина. Честитки до сите наградени, нивните тренери и клубови, кои со секој чекор ја носат атлетиката напред, велат од АФМ.
Во сениорска конкуренција признанијата им припаднаа на Адријана Поп Aрсова (АК Делта) и на Андреас Трајковски (АК Работнички), атлетичари што со своите настапи, резултати и континуитет ја обележија сезоната и поставија високи стандарди за идните генерации.
Во младинските категории признанијата им беа доделени на Марко Алексовски (Центар) и Мелиса Димитриевска (Дрени Старт). Ева Митевска (Работнички) е најдобра помлада младинка, а Михаил Стошевски (Куманово) е најдобар помлад младинец. Кај пионерите признанијата ги добија Ведран Николовски (Куманово) и Марта Димковска (Работнички), а во категоријата млади пионери најдобри се Ељана Салаи (Куманово) и Арти Џеладини (Куманово).
Наградите им ги врачија деканот на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, проф. д-р Владко Неделковски, професорот по атлетика проф. д-р Александар Симеонов, потпретседателите на АФМ, Филип Колевски и Алим Хајредини, како и претседателката на Атлетската федерација на Македонија, Александра Војнеска-Зикова. Г.И.
































