Фото: Маја Јаневска-Илиева

АТЛЕТИКА – СП ВО ТОКИО

Кенијката Беатрис Чебет славеше во трката на 10.000 метри, а Американецот Рајан Краузер во фрлање ѓуле

Македонска атлетичарка на долги патеки, Адријана Поп Арсова, го освои 62-то место на маратонската трка на Светското првенство (СП) во Токио, Јапонија, кое се одржува до 21 септември. На маратонот стартуваа 73 атлетичарки, седум од нив не успеаја да стигнат до целта во мошне тешки услови на високи температура и влажност на воздухот. Поп Арсова на целта стигна за време од 3:01.48 часа, односно претпоследна од сите атлетичарки што ја завршија трката. Зад неа заврши Мексиканката Хернандез Флорес.
Кенијката Перез Џепчирчир (31) го освои златниот медал, минувајќи ја патеката за 2 часа, 24 минути и 43 секунди. Во последните метри од трката Кенијката ја престигна Тигст Асефа од Етиопија (2:24.45). Бронзата ѝ припадна на Јулија Патернане од Уругвај (2:27.23). На Џепчирчир, која е олимписка шампионка во маратон од 2020 година, ова ѝ е прво злато на СП.

Вториот македонски претставник на ова СП, Дарио Ивановски, треба да настапи денеска, исто така на маратонската трка во Токио.

Кениската атлетичарка Беатрис Чебет во трката на 10.000 метри и Унгарецот Рајан Краузер во фрлање ѓуле го обележија првиот ден на СП во Токио. Чебет, која го освои златниот медал на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз лани, низ целта мина за 30:37.61 минути, среброто ѝ припадна на Италијанката Надија Батоклети (30:38,23), додека бронзата на Етиопијката Гудаф Цегај (30:39,65), во присуство на повеќе од 65.000 луѓе на Олимпискиот стадион. Сѐ беше решено во последниот круг, кога Чебет, актуелната светска рекордерка и олимписка шампионка, го забрза темпото, а успеа да ја следи само Батоклети.

Краузер, светскиот рекордер и олимписки шампион, на ова СП рутински победи откако ѓулето го фрли 22,34 метри. Дури и второто негово најдобро фрлање, од 21,99 метри, ќе му донесеше светско злато. Ова е негов трет триумф во низа на светските првенства.

Сензација на денот беше Мексиканецот Узиел Муњоз, кој го освои среброто фрлајќи го ѓулето во последната серија 21,97 метри. Италијанецот Леонардо Фабри стигна до бронзата со три сантиметри полош резултат, колку што имаше и Новозеланѓанецот Волш (21,94), но поради полоша серија, остана без медал. Денот заврши со триумф на штафетната селекција на САД на 4 x 400 метри мешано во состав, Дидмонд, Ирби-Џексон, Мекивер и Холмс. Тие се искачија највисоко на победничкиот подиум, со време од 3:08,80 минути. Среброто го освои Холандија, додека бронзата ѝ припадна на Белгија, благодарение на подобриот фотофиниш во однос на Полска.

Некои спортисти тука ќе го имаат своето деби, некои ќе се натпреваруваат по четврти или петти пат. Секој спортист има свои амбиции и се надева дека ќе го постигне својот најдобар настап со огромна поддршка од своите навивачи.

На СП, повеќе од 2.000 спортисти се натпреваруваат за медали во 49 дисциплини. Ова е првпат по 34 години СП да се одржува во Токио, а третпат да се организира во Јапонија. Г.И.