Временските услови беа тешки за пливање, оти имаше многу бранови во првата половина од маратонската трка, вели Поп Ацев. На Охридскиот маратон победија Матеус Еванжелиста од Бразил (пет часа, 45 минути, пет секунди) кај пливачите и Французинката Каролин Жуис (пет часа, 46 минути, 51 секунда) кај пливачките
ПО 37-ОТ ОХРИДСКИ ПЛИВАЧКИ МАРАТОН
– Задоволен сум од пласманот и како го испливав Охридскиот маратон. Малку бев резервиран пред и за време на трката, бидејќи не бев сигурен колку ми се можностите, но на крајот добро испадна. Малку ми е криво оти бев блиску до второто место, но дадов сѐ од себе – ни изјави најдобриот македонски пливачки маратонец Евгениј Поп Ацев, кој го освои третото место на 37. Охридски пливачки маратон.
Тој ја исплива патеката „Климе Савин“ долга 25 километри, од Свети Наум до Градското пристаниште во Охрид, за пет часа, 46 минути и 52 секунди, а малку недостигаше да биде и втор, место што му припадна на Марсел Схауле од Холандија (пет часа, 46 минути и 50 секунди), кој беше побрз за само две секунди.
Победи Матеус Еванжелиста од Бразил (пет часа, 45 минути, пет секунди). Кај жените победи Французинката Каролин Жуис (пет часа, 46 минути, 51 секунда).
Според Поп Ацев, времето не било наклонето за маратонците, посебно во првиот дел од трката. Тоа го почувствувал и тој самиот додека пливал.
– Временските услови беа тешки за пливање, оти имаше многу бранови во првата половина од маратонската трка. Некаде помеѓу првата третина и средината, пред Пештани, беше критично и тешко за мене. Можеби беше поради брановите или темпото со кое пливав, но најмногу сигурно поради недостигот од тренинзи годинава – вели Поп Ацев.
Наградниот фонд на маратонот изнесуваше 12 илјади евра, од кои две илјади за најдобрите во двете конкуренции.
Поп Ацев и вчера во рамките на Фестивалот на вода пливаше на маратонот во Љубаништа, долг пет километри, и го освои третото место. Првото место му припадна на Еванжелиста, а втор беше Петар Цеков од Македонија. Настапија дваесетина пливачи. Г.И.