• Од оригинална олимписка содржина, преку уникатни дигитални искуства и можности за обезбедување седиште во првиот ред, до спортско и културно искуство, спортистите и луѓето од сите краеви на светот можат да го почувствуваат вкусот за следното поглавје во историјата на ЗОИ, пишува ИОК

На помалку од сто дена до почетокот на возбудливите натпревари на снег и на мраз, Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) ги поканува спортистите, спортските ентузијасти и љубителите на културата да се подготват да ги доживеат Зимските олимписки игри (ЗОИ) во Милано Кортина 2026, во италијански стил. Од оригинална олимписка содржина, преку уникатни дигитални искуства и можности за обезбедување седиште во првиот ред, до спортско и културно искуство што се случува еднаш, спортистите и луѓето од сите краеви на светот можат да го почувствуваат вкусот за следното поглавје во историјата на зимските олимписки игри (ЗОИ) што ќе се одвива од 6 до 22 февруари 2026 година, пишува Интернационалниот олимписки комитет (ИОК), на својата интернет-страница.
Претседателката на ИОК, Кирсти Ковентри, имаше посебна порака за спортистите кога неодамна го посети Олимпиското село во Милано и беше импресионирана од она што го виде.
– Спортисти од целиот свет, ние сме во вашето село и едвај чекаме да ве пречекаме тука за неколку недели. Ќе биде толку забавно, толку компактно, толку одлично, што ме тера да посакам да станам зимска олимпијка. Едвај чекаме да ве видиме тука – рече Ковентри.
ЗОИ 2026 ќе бидат ЗОИ со најизбалансиран број мажи и жени во историјата, при што ИОК ја зголеми квотата за места за спортистки на 47 отсто, во споредба со 45,4 проценти во 2022 година. Спортистките ќе се натпреваруваат во рекорден број настани, вкупно 50, четири повеќе од пред четири години, пишува ИОК.

ВКУСОТ НА ИТАЛИЈА ЌЕ ГИ ЗБЛИЖИ ЛУЃЕТО ЗА ЗОИ

Создадени за да го прослават следното поглавје во историјата на ЗОИ, тестенините „олимписки прстени“, оддаваат почит на духот на Италија, безвременски дизајн, изработка и страст, пишува ИОК. Секој од четирите дизајни на кутии, прекрасно илустрирани од италијанската уметница Маријана Томасели, го прикажува возбудувањето од зимските спортови наспроти заднината на култните пејзажи на домаќинот. Единствена форма на тестенини инспирирана од олимписките прстени, симболот на единство. Како почит кон италијанското гостопримство, оваа единствена креација пред ЗОИ 2026 служи да ги инспирира сите да се здружат за сите незаборавни моменти на емоции, радост и поврзаност, како и прослава на човечкиот потенцијал. Ова се состојките што нѐ зближуваат, пишува ИОК. Донесувајќи го вкусот на ЗОИ 2026 во светот, познатиот готвач Карло Крако ѝ се придружува на олимпијката во уметничко лизгање Валентина Маркеи во првата епизода од ново кулинарско патување, каде што љубовта кон храната се среќава со духот на спортот. Заедно, тие истражуваат рецепти, техники и вкусови оддома, вклучувајќи и рецепт по мера со тестенините „олимписки прстени“.
– Тимската работа е од суштинско значење и во спортот и во готвењето. Во кујната секој готвач се фокусира на својот дел од јадењето. Само кога секое парче ќе се спои совршено, конечниот рецепт успева. Секоја акција е важна, а кога сите работат заедно, резултатот е нешто извонредно – вели Крако за ИОК.

АПЛИКАЦИЈА

Официјалната апликација на ЗОИ и ПОИ е достапна за преземање, дизајнирана да ги придружува гледачите на патот до Игрите и за време на натпреварувањето. Оригиналните вести и приказни ги следат патувањата на спортистите низ квалификациите и навлегуваат подлабоко во зимските спортови и епските приказни што ги опкружуваат. Од моментот кога олимпискиот пламен ќе биде запален на 26 ноември во Олимпија, гледачите можат во реално време да го следат штафетниот олимписки факел со сите негови инспиративни приказни за заедничкиот дух, додека патува низ култните пејзажи и градови на Италија. Апликацијата се поврзува со официјалната платформа за билети и ќе биде неопходна алатка за гледачите што ќе бидат сведоци на сите случувања од прва рака за време на овие ЗОИ. Преку апликацијата, која е достапна на 12 јазици, достапна е и Олимписката продавница, информира ИОК.

ВЛЕЗНИЦИ

Овие Игри во „италијански стил“ се целосно приспособени на домаќините, при што 85 отсто од местата за натпревари се постојни или привремени. Култните места, сместени покрај прекрасни природни пејзажи, секоја година се домаќини на врвни меѓународни зимски спортски натпревари, а зимските спортови се дел од локалниот идентитет и секојдневниот живот во овие региони, пишува ИОК. Влезниците и пакетите за гостопримство уште се достапни во сите дисциплини и места на tickets.milanocortina2026.org, вклучувајќи ја и неодамна најавената церемонија за отворањето, а дополнителни билети ќе бидат пуштени во продажба на 12 ноември, пишува ИОК. Г.И.