Тој сега има четири трофеи на Тур, а вкупно пет на грантур-трките
ВЕЛОСИПЕДИЗАМ
Тадеј Погачар од Словенија со триумфот во неделата на Тур де Франс се изедначи со британскиот велосипедист Крис Фрум според бројот на титули на таа грантур-трка, а пред нив со по еден триумф повеќе се Французите Жак Анкетил и Бернар Ино, Белгиецот Еди Меркс и Шпанецот Мигел Индураин. Погачар е и првиот актуелен светски друмски првак што го освоил Тур, по Грег Лемонд во 1990 година, и третпат ја обезбеди титулата „Крал на планините“, пишува „Би-би-си“. Од другите грантур-трки, Погачар има една победа на Џиро д’Италија.
Четвртата победа на Погачар на Тур де Франс е продолжение на извонредните 12 месеци за словенечката суперѕвезда, во кои тој се етаблира како доминантна фигура во модерниот велосипедизам, а откако ја врати титулата на Тур од Вингегард лани, Погачар победи на четири од последните пет трки во 2024 година, првпат станувајќи светски шампион на друмски патеки во септември и во почетокот на годинава победи на шест од деветте трки пред Тур, пласирајќи се на подиумот на другите три, пишува „Би-би-си“. Н.М.